Фестивал за Европски авторски анимиран филм во МКЦ

Од 12 до 15 август во Младинскиот културен центар ќе се одржи Фестивалот за Европски авторски анимиран филм Flipbook Film Festival 2021. На повикот пристигнаа приближно илјада кратки анимирани филмови од цела Европа, а беа селектирани вкупно 90 филмови во четири натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм.

Организаторите соопштија дека во главната селекција за најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 19 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година, кои имаат учествувано и освоено награди на најголемите светски филмски фестивали: Анеси, Анимафест, Отава, Клермон-Феран. Меѓу останатите, ќе бидат прикажани и македонските анимирани филмови „Живот во меур” на Никола Дрвошанов и Натали Мекмехон, и „Збрчкано” на Горан Димов.

Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 20 филмови. И оваа година во студентската категорија ќе бидат прикажани филмови кои авторите ги прават за време на своето студирање на европските филмски академии и неоптоварени од буџети, продукции и рокови, можат да си дозволат целосна авторска слобода и ентузијазам. Во студентската селекција ќе биде прикажан и македонскиот филм „ГамГам” на авторката Кристина Данаиловска.

Голем интерес на минатото издание на фестивалот предизвика натпреварувачката селекција на анимиран документарен филм, хибридна филмска форма која во последните десетина години зазема се позначајно место во изразот кај многу документаристи и аниматори.

Оваа година ќе биде прикажана и селекција на анимирани музички спотови, вкупно 22 анимирани видеа на некои од најголемите музички имиња во светот. Меѓу нив и три македонски музички видеа на Гоце Илиевски, на бендот Искра и на Ивона Ѓорѓиовска за песната „Парфем”.

За наградите од главната селекција и селекцијата на музички видеа ќе одлучуваат Александра Лавска од Полска, програмски директор на фестивалот „Short Waves”, Славе Лукаров од Хрватска, директор на фестивалот Супертун и Михаил Наумов, македонски автор добитник на специјалната награда од жирито за филмот Карантин на минатогодишното издание на ФФФ. За наградите од селекцијата на анимирани документарци и студентската селекција, ќе одлучуваат Мартина Мештровиќ од Хрватска, минатогодишната добитничка на специјалната награда од жирито за филмот „Мачката е секогаш женско”, Ката Гугиќ од Хрватска, минатогодишната добитничка на главната студентска награда на ФФФ за филмот „Cockpera” и македонскиот филмски критичар Златко Гелески.

Покрај физичкото издание на фестивалот, со бесплатни филмски проекции и изложби, на отворено во паркот на Младинскиот Културен Центар, заради ситуацијата со корона вирусот, Flipbook Film Festival 2021 ќе има и онлајн издание. Од 12-15 август македонската публика ќе има можност, бесплатно, на платформата Cinesquare, да ги гледа сите филмови, да гласа и да ја додели наградата за Најдобар анимиран филм од онлајн публиката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот