Фестивал „Скопје синема сити“: Филм за „Њу ордер“ го отвора фестивалот на музички документарци

Првиот дел од шестото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ се одржува на 19 и 20 септември во летното кино на Кинотеката.

Фестивалот „Скопје синема сити“ ќе го отвори филмот „Декади“ на режисерот Мајк Кристи за бендот „Њу ордер“, кои се артисти во фокус на шестото издание. Филмот е приказ на нивниот проект со Манчестерскиот интернационален фестивал, каде се случуваат уметнички инсталации и проекти, а филмот истовремено е полуконцертен и полудокументарен.

Истата вечер, на 19 септември, ќе биде прикажан и филмот „Изнесено на виделина“ за познатиот уметнички фотограф и режисер Антон Корбејн. Филмот е биографски и го следи Корбејн како соработува на фотосесии со бендови, како „Ју-ту“, „Депеш мод“, или на сцена додека ги режира филмовите „Контрола“ и „Американецот“.

Втората вечер, на 20 септември, ќе бидат прикажани филмовите „Го викав Морган“ и „Бил Фрисел: Портрет“. Ли Морган бил еден од најталентираните џез-трубачи со блескава кариера и џез-изданија што се сметаат за антологиски. Меѓутоа неговата кариера била запрена кога сопругата го убила. Ова е емотивен филм за една блескава кариера, која несреќно дошла до својот крај.

Бил Фрисел е еден од најпознатите и најпочитувани џез-гитаристи. Интимниот портрет на режисерката Ема Франц е сниман неколку години додека Фрисел работел на повеќе различни проекти. Како повеќекратен добитник на наградата „Греми“ и редовен добитник на наградата „Гитарист на годината“, што ја доделува џез-магазинот „Даунбит“, Фрисел се смета за најиновативниот и највлијателен американски џез-гитарист во последните четири декади.

Помеѓу овие два филма ќе настапи македонскиот џез-гитарист Сашо Поповски, кој е професор по гитара на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, директор на фестивалот „Џез фабрика“ во Битола, а наскоро треба да го објави својот нов албум „Fallen Land“ за етикетата на Скопскиот џез-фестивал.

Вториот дел од шестото издание на фестивалот „Скопје синема сити“ ќе се организира на 2 и 3 октомври. Фестивалот е во организација на здружението „Номад-Арт Скопје“ во соработка со Кинотека на РСМ, а поддржан е од Агенцијата за филм.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 49, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот