ФЕСТИВАЛ „САНДЕНС“: Привилегија да се биде во друштво со исклучителни филмаџии

Краткиот филм „Налепница“ по сценарио и режија на Георги М. Унковски, во продукција на „Синема Футура“, а финансиран од Агенцијата за филм е избран во официјалната селекција на најголемиот американски филмски фестивал на независен филм „Санденс“, кој се одржува од 23 јануари до 2 февруари во САД.

Филмот „Налепница“ на Унковски е во редот на 74 кратки филмови кои влегоа во официјалната селекција од вкупно 10.397 пријавени филмови, меѓу кои 4.992 биле од САД, а 5.405 биле од други земји. Краткиот филм „Налепница“ има три проекции на 24, 28 и 30 јануари – во Парк Сити, и една на 25 јануари во Солт Лејк Сити во Јута.

Македонската премиера на „Налепница“ се одржа во септември минатата година, а потоа филмот доби награди на два домашни филмски фестивали – наградата од публиката на четвртото издание на „Винтер априкотс“ во Прилеп и наградата во националната конкуренција на третото издание на Фестивалот на кратки филмови „Дрим шорт“ во Струга. На фестивалот „Санденс“ заминаа режисерот Георги М. Унковски и кинематограферот Наум Доксевски. На прашањата од „Културен печат“ режисерот Унковски одговори од Лондон.

Со какви чувства тргнавте на фестивалот „Санденс“?

– Чувствувам огромна привилегија што нашиот филм е дел од програмата на „Санденс“, истовремено сум и многу возбуден што ќе имам прилика да бидам во друштво на исклучителни филмаџии и луѓе кои негуваат огромна љубов кон филмот како уметност. На крајот, сепак, сум анксиозен и исклучително љубопитен да дознаам како американската публика ќе реагира на филмот.

По македонската премиера, филмот беше убаво прифатен од публиката тука, а доби и награди на два фестивали. Со каква конкуренција ќе се соочите на „Санденс“?

– Конкуренцијата е огромна и во програмата на кратки филмови учествуваат преку 70 филмови од целиот свет. Очекувам дека ќе гледаме исклучително убави филмови, кои доаѓаат од автори од сосема различни позадини и разработуваат широк распон на теми. Без разлика дали од „Санденс“ ќе се вратиме со награда или не, пред нас претстои возбудлив период со различни активности. Воедно, поради селекцијата на „Санденс“ неодамна остваривме соработка со француската дистрибутерска компанија „Salaud Morisset“, која ќе се погрижи „Налепница“ да има активен фестивалски живот и во наредните неколку години.

Актерот Сашко Коцев ја игра главната улога во краткиот филм „Налепница“

Филмот „Налепница“ е социјална драма која ги открива фелерите на системот. По првиот краток филм „Пепи и Муто“ веќе се чувствува дека со авторскиот филмски ракопис тежнеете кон социјални тематики, но претставени на духовит и комичен начин. Како ја избравте темата на филмовите што досега ги направивте?

– Не би можел да кажам дека сум премногу свесен за тоа како ги бирам темите. Мислам дека кога ќе почнам да пишувам воопшто не ни размислувам на темата или што би сакал да кажам како автор. Најчесто се фокусирам на една точка, еден момент, кој може да биде и песна, може да биде некој вистински лик кој ме инспирирал, може да биде некоја фрустрација која ја имам лично, некоја маана или, пак, непријатна ситуација што ми се случила. Мислам дека нема правила, почетокот на идејата може и да нема никаква врска со тоа што ќе излезе на крај. Сепак, се обидувам да останам верен на себе, барем во поглед на тоа дека и во најголемата неправда или болка може да се пронајде хумор. Најмалку од сѐ што сакам е да се правам паметен и да разглобувам теми кои не ги разбирам до крај. Мислам дека колку поедноставно се настапи толку е подобро.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ бр. 15, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25/26 јануари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот