Фестивал на музика од светот се одржува во Центарот за култура во Битола

Центарот за култура во Битола од 19 до 21 ноември го организира 13. издание на Фестивалот на музика од светот. Во рамките на трите вечери настапуваат „Либеркватро танго ансамбл“ од Србија, познатата балканска вокалистка Билјана Биља Крстиќ, која беше придружувана од Камерниот оркестар на Битола, а фестивалот ќе заврши со македонски евергрини што ќе ги испеат вокалните солисти Бојан Стојков, Димитар Андоновски, Јасна Димитровска, Зарина Прва Севда, Тамара Стојковска и Нико Ѓоргиевски на концертот на Битолскиот дувачки оркестар.

„Музиката ја има таа моќ да не прошета низ минатото, сегашноста и иднината, да ни открие цели светови и да не сокрие во еден подобар универзум. Нашиот фестивал силно ја прегрнува музиката од светот и го отвора срцето на градот, претворајќи го во лулка на уметноста. Во трите фестивалски денови ќе се слеат различни музички правци, а нашиот фестивал ќе стане пристаниште на домашни и странски уметници кои го говорат универзалниот јазик на музиката.

Радост е да бидеш директор на Фестивал на музика од светот, особено во едно време на предизвици, кое не потсети на минливоста на животот и бесмртноста на уметноста. Затоа нека живее уметноста која ќе го спаси светот и ќе го обои во боите на надежта“, напиша Маја Андоновска Илијевски во каталогот за 13-тото издание на фестивалот во Битола.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Општина Битола.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 106, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот