Фестивал на медитерански филмови и автори ќе се одржи во Стар Дојран

Првото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото / Across the lake – Дојран филм фестивал“ ќе се одржи од 5 до 7 август во Стар Дојран.

Станува збор за фестивал на медитеранскиот и европскиот филм, како и автори кои живеат или потекнуваат од медитеранските и европските земији и е прв филмски фестивал од ваков формат во Македонија.

Фестивалот ќе го збогати културниот живот во градот и околината и традиционално ќе се одржува во Дојран, покрај брегот на езерото. „Преку езерото“ е иницијатива предводена од Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент.

За првото издание на фестивалот селектирани се девет кратки филмови од осум медитерански земји, со актуелни теми кои се раскажани со медитерански дух, специфичен и посебен во уметноста на филмот.

Главната натпреварувачка програма на фестивалот ги содржи филмовите „А ла карт“ на Василис Циуварас и Таксиархис Делијанис (Грција / 2022), „Пресуда“ на Дора Јунг (Србија / 2022), „Марко“ на Марко Шантиќ (Хрватска / 2021), „Перики“ на Ангела Димеска (Македонија / 2022), „Виножито“ на Александар Вујовиќ (Црна Гора / 2020), „Криминалци“ на Серхат Караслан (Турција / 2021), „Што не знаеме за Маријам“ на Морад Мостафа (Египет / 2021), „Светиот син“ на Аљоша Масине (Италија / 2022) и „Поглед од балкон“ на Арис Капланидис (Грција / 2021).

Покрај главната програма во склоп на фестивалот ќе се прикажат и неколку долгометражни филмови од медитеранските земји, кои се истакнале по особениот пристап на темата што нуди нов поглед на нештата и го поттикнува дијалогот помеѓу различните култури, општествени групи, нации.

Во рамките на фестивалот ќе се одржи и мастерклас на тема „Трагањето на сценаристите по вистинското значење на темата во нивните сценарија“. Мастеркласот ќе го води докажаниот скрипт-консултант од Англија Џон Стивенс.

Меѓународното жири кое ќе ги оценува филмовите во натпреварувачката конкуренција ќе го предводи истакнатиот грчки режисер Василис Мазоменос, а членови на жирито се Гоце Кралевски, продуцент, и Ева Камчевска, сценарист од Македонија, извести Организацискиот одбор на новиот филмски фестивал „Преку езерото“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот