Фестивал на документарен филм: „Слеј се со тишината“ е мото на 11. Македокс

Бројот 11 може да се чита како почеток на нова декада, како 1.1, а може и да се чита во неговото скриено значење, како број што означува порта кон други, метафизички димензии, или како број што означува носење на суд, одлука. Единаесеттото издание на Македокс ќе биде посветено на звукот и на тишината. На слушање на наједноставното и на најтешкото, и на поглед кон невидливото.

– Фокусот го ставаме на поезијата во филмот – дизајнот на звук. А фестивалот, кој се покажа како жилав троскот, ќе го менува својот ритам, како и сите ние, во согласност со препораките за заштита на општото јавно здравје, ви најавува дека по единаесетти пат ќе се видиме и ова лето под мотото кое е идеално за реалниот или виртуелен Куршумли ан – „Слеј се со тишината“, стих што го позајмивме од песната „Во тишина“ на поетскиот великан Ацо Шопов – велат од Македокс.

Во рамките на програмата на годинашното издание предвидена е работилница за звук „Звукот го обликува филмот, филмот го обликува звукот“ со Владимир Ракич, која ќе биде поделена во фази од крајот на јуни до крајот на август. Работилницата за звук е наменета за режисери, монтажери и/или дизајнери на звук со документарен проект во фаза на прет-продукција, продукција или постпродукција, продуцирани или ко-продуцирани во една од следните земји: С. Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Романија и Турција.

Владимир Ракич (1974, Нови Сад) е композитор и дизајнер на звук, кој живее и работи во Амстердам. Повеќе од 15 години активно работи на дизајнот на звук и соработувал со повеќе познати документаристи. Држи работилници за звук на Холандската академија за филм во Амстердам.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 36, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот