Фестивал „Акто“: Креативни формати на акција за градење праведно општество

Програмата на јубилејното 15-то издание на фестивалот за современи уметности „Акто“, во продукција на „Факултет за работи што не се учат“, почна со изработка на мурал со стихови од „Песна за солидарноста“ од Бертолт Брехт на фасадата на киното „Партизан“ во Битола.

Иницијативата за исцртување мурали на јавни простори во рамките на програмата на 15. Фестивал за современи уметности „Акто“ има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми, кои покренуваат и мобилизираат не само поединци, туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество.

Автори на муралот со кој е отворено 15. издание на „Акто“ се колективот „Курс“ од Белград, изработката на муралот е во продукција на „Факултет за работи што не се учат“ во партнерство со Народен театар Битола.

Муралот во Битола е дел од серијата мурали што деновиве се изработуваат во уште шест други градови во земјава, и тоа во Штип, Прилеп, Велес, Кочани, Гевгелија и Скопје. Автори на муралите се Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец, а се реализираат во соработка со „Гласен текстилец“, Штип; БОШ Фестивал, Гевгелија; „Културно ехо“, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ – Прилеп и Јавен простор – Прилеп; Народен театар Битола; Дом на култура Ченто; Општина Гази Баба, Општина Велес, Општина Кочани и Дом на култура „Бели мугри“ – Кочани.

Овој зафат, што се протега на површина од околу 600 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е концепт, кураторство и организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Денис Ампев, Александар Јовановски и Ивана Васева.

– Заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фокусираме во време на пандемијата со коронавирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нивната естетика, како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно – велат од „Акто“.

Покрај муралите, програма на 15. издание на „Акто“ ќе вклучува и други содржини, кои дополнително ќе бидат објавени.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 38, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4-5 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот