Силвија Митевска

Фер игра или легализирана дискриминација?

Во правото, но и во науката, не е доволно нешто да се претпоставува – мора да се докаже. Евентуална предност или ризик не смее однапред да се претпоставува врз основа на варијации во половите карактеристики, физичкиот изглед или трансродовиот статус на спортистката.

Меѓународниот олимписки комитет (МОК), во време кога глобалниот спорт и онака е под притисок, долеа масло на огнот со својата нова политика: забрана за трансродовите жени и за спортистките со разлики во половиот развој да се натпреваруваат во женските категории на сите идни Олимписки игри, почнувајќи од Лос Анџелес 2028. Храбрата – или, во зависност од перспективата, длабоко проблематична – изјава на првата жена на чело на оваа најмоќна спортска организација, Кирсти Ковентри, дека „не би било правично биолошките мажи да се натпреваруваат во женска категорија“, силно одекна во спортскиот свет.

Што, всушност, значи оваа одлука?

Тоа значи дека, во име на „фер играта“, спортистките сега ќе треба да подложат на генетско тестирање. Поточно, ќе се утврдува присуството на SRY генот, кој, според комисијата ангажирана од МОК, се третира како показател дека спортистката поминала низ машки полов развој. За разлика од понижувачките и инвазивни практики од минатото, кога половото тестирање подразбираше директни гинеколошки прегледи пред натпревари, денес методот е „посовремен“: плунка, брис од внатрешната страна на образот или примерок од крв. Помалку инвазивно можеби. Но дали тоа автоматски го прави и оправдано? Особено ако се знае дека тестирањето за овој ген и во минатото повеќепати беше предлагано, па повлекувано поради недоволно убедливи научни докази.

И додека дел од спортскиот естаблишмент оваа политика ја поздравува како победа на правичноста, таа предизвика сериозна загриженост кај многубројни правни експерти во областа на човековите права, кои ја оценуваат како регресивен и опасен преседан. Причините за тоа се повеќеслојни – правни, научни и етички.

Од правна перспектива, според многумина, оваа политика директно ги повредува домашните и меѓународните правни норми што ги штитат човековите права и го регулираат користењето на генетското тестирање и генетските информации. Меѓу другото, таа се коси со Конвенцијата за човекови права и биомедицина (Овиедската конвенција), со Меѓународната декларација за човекови генетски податоци на УНЕСКО, како и со низа други меѓународни и национални инструменти што го ограничуваат користењето на генетски податоци. Покрај тоа, обработката на генетски податоци за целите на тестирање на полот отвора сериозни прашања и во доменот на заштитата на личните податоци, особено затоа што станува збор за чувствителни податоци од највисок степен на заштита. Значи, не станува збор само за можни судски спорови, туку за нешто многу подлабоко – човековото достоинство.

Дополнително, ваквиот пристап не е усогласен ниту со ставовите на Советот за човекови права на Обединетите нации, кој предупредува дека генетското тестирање на полот како услов за учество во женски спортски категории може да претставува повреда на меѓународно признатите права на спортистките – правото на еднаквост, телесен и психолошки интегритет и приватност. Во таа смисла, иако Европската конвенција за човекови права формално ги обврзува државите, а не самите спортски федерации, правилата на МОК и на меѓународните федерации можат да бидат предмет на судска оценка токму низ призмата на тие стандарди, особено кога се потврдуваат или спроведуваат во европски правни системи. Оттука, задолжителното генетско тестирање на полот и исклучувањето на спортистки врз таа основа може да се толкуваат како потенцијална повреда на член 8, кој го штити правото на почитување на приватниот живот, и на член 14, кој ја гарантира забраната на дискриминација.
А веќе имаме и значаен случај во кој Европскиот суд за човекови права интервенираше во спортски спор со сериозни последици по човековите права. Во предметот Семења против Швајцарија, Судот утврди дека Швајцарија ѝ го повредила правото на фер судење, бидејќи федералниот суд не спровел доволно темелна и независна оценка на одлуката на Арбитражниот суд за спорт. Семења го оспори режимот на Светската атлетика, кој од атлетичарките со природно високо ниво на тестостерон бараше медицинска интервенција за да можат да настапуваат во женска конкуренција. Иако случајот беше долг и комплексен, Семења извојува победа во делот на правото на фер судење – пресуда што веќе се смета за историски преседан во заштитата на човековите права во спортот.

Но, правниот проблем не е единствениот.

Според експертите, втората голема слабост на оваа политика е нејзината сомнителна научна оправданост. Експертите прашуваат каде се цврстите, релевантни и научно рецензирани докази дека жените што го носат овој ген навистина имаат натпреварувачка предност во однос на другите спортистки?

Во правото, но и во науката, не е доволно нешто да се претпоставува – мора да се докаже. Евентуална предност или ризик не смее однапред да се претпоставува врз основа на варијации во половите карактеристики, физичкиот изглед или трансродовиот статус на спортистката. Напротив, таа мора да биде докажана врз основа на цврсти, релевантни и научно рецензирани истражувања, засновани врз податоци од демографски групи што се навистина споредливи со групата на која правилата се однесуваат. До вчера, само неколку федерации – како Светската атлетика, светските федерации за бокс и пливање, како и федерацијата за скијање и сноуборд – имаа вакви рестриктивни правила. Денес, со сигналот што го испраќа МОК, практично сите федерации се повикани да го следат истиот пат, ставајќи го „правото на фер игра“ над правото на недискриминација.

И секако, тука е и етичката димензија – можеби и најтешката од сите. Генетското тестирање не е само техничка процедура. Тоа може да предизвика сериозни и долгорочни последици за спортистките како психолошка траума, повреда на приватноста, јавна стигматизација, општествена исклученост и професионална маргинализација. Ова особено важи за трансродовите лица, кои и онака често се наоѓаат на удар на политички и медиумски притисоци што одамна го надминаа спортот.

Остануваат уште многу отворени прашања. Она што најмногу ме интересира е: како воопшто ќе се спроведува ова тестирање? Дали ќе важи за сите жени или ќе има селекција – повторно насочена кон оние што не се вклопуваат во стереотипните претстави за тоа како „треба“ да изгледа една жена, или според некој друг критериум? Дали, во името на правдата, создаваме нова неправда, жртвувајќи ја основната вредност на спортот – недискриминацијата – во обидот да обезбедиме „фер конкуренција“?“

(Авторката е експертка по спортска дипломатија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот