Фејсбук статусот на Панчевски ги налути новинарите

Фото: Фејсбук

Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува недоличниот и агресивен говор како и навредите упатени кон уредникот и новинарите на порталот „Сакам да кажам” (Сдк.мк) изречени од страна на поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски за кој Судскиот совет во јули оваа година донесе Одлука за времено оддалечување од вршење на судиска функција.

-Таквото однесување не доликува на еден поранешен носител на висока јавна функција и може да се толкува како закана и притисок врз работата на новинарите на овој медиум. Ваквиот агресивен говор кон новинарите од страна на Панчевски може да поттикне насилство кон нашите колеги, а со тоа и дополнително да се загрози нивната безбедност и да се ограничи слободата на изразувањето- е наведено во соопштението од ЗНМ.

Панчевски на Фејсбук вчера напиша дека порталот Сакам да кажам шири лаги и невистини, поврзани со неговото име.

-Овој партал кој е збирштина на треторазредни новинари и улични репортери е цело време со мене и верно ме следи сите овие три години, веројатно сопственикот Горан Михајловски со чија сопруга Искра “кенгурката”(така ја викаа во основно) бевме соученици во исто основно училиште нели таа колку за потсетување зема парички од Фондот за иновации па Горанче си има некаков потентен проблем кој секако ќе мора сам да си го реши- пишува, меѓу другото Панчевски.

Здружението на новинарите на Македонија охрабрува користење на саморегулативните механизми. Оттаму, доколку Панчевски сметал дека новинарите го прекршиле етичкиот кодекс при своето работење, можел да достави претставка до Советот на честа при ЗНМ или до Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Во спротивно, ваквото негово однесување се смета за директен притисок врз медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот