Фејсбук откри дека зад лажниот швајцарски експерт стои кинеска мрежа

Profimedia
Социјални мрежи / Фото: Anton Garin / Alamy / Alamy / Profimedia

„Мета платформи“, фирмата сопственик на Фејсбук, отстрани повеќе од 500 профили поврзани со онлајн мрежа за дезинформации, главно со седиште во Кина. Профилите ги промовираа тврдењата на лажниот швајцарски биолог наречен „Вилсон Едвардс“, кој тврдеше дека САД се мешаат во напорите да се открие потеклото на ковид-19.

Коментарите на Едвардс беа нашироко пренесувани од кинеските државни медиуми. Сепак, швајцарската амбасада рече дека е малку веројатно оваа личност да постои. „Мета“ во својот извештај рече дека кампањата на социјалните мрежи била „во голема мера неуспешна“ и насочена кон публиката што зборува англиски во Соединетите Американски Држави и Велика Британија и публиката што зборува кинески во Тајван, Хонг Конг и Тибет, објавува Би-би-си.

Претходно во јули, профилот кој се претставува како швајцарски биолог наречен Вилсон Едвардс изнесе тврдења на Фејсбук и Твитер дека САД вршат притисок врз Светската здравствена организација научниците кои го проучуваат потеклото на ковид-19 да ја обвинат Кина за вирусот.

Државните медиуми, вклучително и CGTN, Шангај Дејли и Глобал Тајмс, го наведоа т.н. биолог врз основа на неговиот профил на Фејсбук. Сепак, швајцарската амбасада во август соопшти дека лицето веројатно не постоело, бидејќи сметката на Фејсбук била отворена само две недели пред неговата прва објава и имаше само тројца пријатели. Во соопштението се додава дека „нема регистрирано швајцарски државјанин со име „Вилсон Едвардс“ и дека нема академски написи под тоа име“.

Компанијата „Мета платформи“ во ноемврискиот извештај соопшти дека нејзината истрага за ова прашање открила „врски со поединци во континентална Кина, вклучително и вработени во Sichuan Silence Information Technology Co Ltd. и поединци поврзани со кинески државни инфраструктурни компании со седиште низ целиот свет“.

Веб-страницата на споменатата компанијата пишува дека тоа е компанија за мрежна и информациска безбедност која обезбедува техничка поддршка за кинеското Министерство за јавна безбедност и CNCERT, клучниот тим кој го координира кинеското реагирање во итни случаи за кибер-безбедност.

Фејсбук соопшти дека отстранил вкупно 524 Фејсбук профили, 20 страници. четири групи и 86 профили на Инстаграм по прегледувањето на јавните извештаи кои се фокусираа на лажниот швајцарски биолог. Оригиналната објава на личноста првично беше споделена и лајкувана од лажни профили на Фејсбук, а подоцна беше проследена од автентични корисници, од кои повеќето им припаѓаа на вработени во кинески државни инфраструктурни компании во над 20 земји, соопшти „Мета“.

„Мета“ додава дека операцијата користела Виртуелна лична мрежа (VPN) инфраструктура за да го скрие своето потекло и да му даде на Едвардс позаокружена  личност. Исто така, се вели дека неговата фотографија на профилот се чини дека е генерирана машински.

Истрагата за потеклото на ковид-19 беше извор на тензии меѓу САД, Кина и другите земји, бидејќи изворот на вирусот останува нејасен речиси две години откако првпат беше откриен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот