13 C
Скопје

ФБИ, Тајната служба и Армијата во масовен лов на екстремисти

Сосема невообичаено, во ситуација кога насилствата им се пред прагот, а не во некоја далечна земја со нестабилна демократија, се огласија највисоките американски воени офицери за да го осудат насилниот упад врз законодавниот дом на САД, но и, веројатно како главна цел на обраќањето, да ги повикаат сите припадници на воените сили да го бранат Уставот и да го отфрлат екстремизмот.

Од таквата порака не може, а да не се извлече заклучок дека јазот што во изминатите четири години претседателот Доналд Трамп го предизвикал во сите сегменти во американското општество веројатно се продлабочил и во армијата. Ако на ова се надоврзат предупредувањата од Федералното биро за истраги дека екстремисти планираат оружени напади врз Конгресот во Вашингтон, но и врз капитолите во сите 50 сојузни држави, како и стравувањата на демократските конгресмени и сенатори за својата безбедност, дури и од нивните републикански колеги што притаено влегуваат со оружје во Конгресот, преостанатата недела до инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден ќе биде експлозивна и напната.

– Сведоци бевме на акции во Капитолот што не соодветствуваат со владеењето на правото. Правото на слободата на говор и на собирање не му даваат никому право да посегнат по насилство и бунт – се наведува во соопштението, потпишано од генералот со највисок чин Марк Мајли и со сите членови на Здружениот генералштаб, кој ги командува четирите воени родови.

Соопштението е сведоштво колку е голем предизвикот итно да се среди хаосот во Вашингтон и најдобро да се заштитат демократијата и народните избраници. Освен што настојуваат што е можно побрзо и поефикасно да го разрешат претседателот Трамп, конгресмените дискутираат и начини како самите да се заштитат. Една од предложените мерки е да се постават детектори за метал на влезовите во Капитолот, за да се спречат конгресмени и службеници да внесат оружје.

Прочитајте и...  Онлајн-промоција на првиот „Македонско-унгарски разговорник"

Министерствата за одбрана и за правосудство, пак, во исто време разгледуваат начини како да се откријат и спречат евентуални инциденти предизвикани од екстремисти во армиските редови. Си-ен-ен јавува дека Армијата на САД соработува со Тајната служба и заедно прелистуваат досиеја за да утврди дали има потенцијални екстремисти меѓу припадниците од Националната гарда што ќе ја обезбедуваат церемонијата на инаугурација на новиот претседател. Гардата од Округот Колумбија, која дополнително ги обучува гардистите што пристигнуваат на помош од другите сојузни држави, исто така добила порака внимателно „да гледа и да слуша“ и веднаш да ги пријави сите сомнителни случаи.

– Во војската нема место за екстремизам. Ќе ги истражиме сите извештаи посебно и ќе преземеме соодветни акции – изјави претставник на Армијата.

Агентите на ФБИ во полн погон

Не мирува ни Федералната полиција, која прексиноќа соопшти дека следи илјадници траги за да ги идентификува, приведе и гони сите лица што учествуваа во насилни акции при упадот врз Капитолот пред една недела. ФБИ официјално објави дека во изминатите шест дена биле поднесени 160 пријави и дека се обвинети 70 лица, но службеници од федералната полиција истакнуваат дека во рамките на истрагата ќе бидат собрани многу повеќе докази.

– Луѓето ќе бидат шокирани кога ќе слушнат што сѐ се случувало во Капитолот. Се склопува мозаикот. Мислам дека има многу погрешни приказни што точно се случувало, а во следните денови и недели ќе биде откриена вистинската – изјави јавниот обвинител Мајкл Шервин.

Тој додаде дека оваа истрага веројатно е најобемната и во историјата на ФБИ и во историјата на министерствата за правосудство, поголема и од онаа по терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година, поради што процесите ќе траат со месеци.

Прочитајте и...  Со неделна инциденца поголема од 200 случаи на ковид-19: Германија ја смести Македонија во групата на високоризични земји

Шервин вели дека на обвинителите им наредил да ги истражат сите докази и сомневања за упадот во Капитолот, но и за заговорите. ФБИ ќе ги анализира сите податоци за патувања, сите плаќања и комуникациите, а ќе ги прегледува сите снимки од безбедносните камери и оние поставени на социјалните мрежи од лица што снимале со своите мобилни телефони.

– Јасно е дека треба да се стори повеќе за да се пресретнат, откријат и да се спречат смртоносни напади од домашни насилни екстремисти, особено во деновите што се пред нас – објавија во заедничко соопштение демократските претседавачи на пет комитети на Претставничкиот дом за надгледување.

Тешки дела, за повеќе од 20 години затвор

Ваквиот пристап поттикнал испраќање федерални агенти во „посета“ на лица што веќе биле надгледувани како потенцијални екстремисти. Поголемиот дел од заканувачките пораки и повици за насилство објавени по социјалните мрежи се сметаат за малигни, но ФБИ и другите агенции се решени да ги истражат сериозно. Притоа има докази и дојави за активности и пред упадот врз Капитолот на 6 јануари. Неколку дена пред собирот, федералната и вашингтонската полиција во заедничка акција го привела лидерот на озлогласената екстремистичка група Горди момчиња, поради ситен престап, но подоцна тој бил обвинет и за поседување нелегален тип оружје и муниција пронајдени во неговиот дом.

На денот на насилниот упад, членовите на Горди момчиња се појавиле со своите црно-жолти униформи и портокалови капи, се собрале пред Капитолот и го координирале својот марш кон објектот.

Прочитајте и...  Средба на министерот Спасовски со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија

Обвинителите настојуваат и да откријат која била главната цел на упадот, дали само да се запре процесот на верификување на гласовите од претседателските избори на 3 ноември, или можеби и да се грабнат конгресмени како заложници.

Заменик-директорот на теренското одделение на ФБИ во Вашингтон, Стивен Дантуоно, додава дека се истражуваат и информации за лицата што учествувале или помагале да се постават рачно изработени бомби пред штабовите на републиканската и на демократската партија. Бомбите биле реална закана.

– Тие беа реални и имаа временски детонатори. Не знаеме точно зошто не пукнале – вели Дантуоно.

Друга група обвинители се во постојан контакт за прецизно утврдување на кривичните дела за кои ќе бидат гонети осомничените.

– Нашата канцеларија организираше ударна единица од високи обвинители за национална безбедност и за јавна корупција. Единствената наредба од мене беше да ги одредат обвиненијата за најподмолните дејства во Капитолот, а тоа се тешки дела, за кои следуваат затворски казни подолги од 20 години – вели обвинителот Мајкл Шервин.

Забрани за летање за насилниците

Федералната полиција потврди дека сериозно ја разгледува можноста да ги стават на листата на забрана за летање учесниците во насилствата во Вашингтон пред една недела.

Таквата мерка би значела дека тие нема да можат ни да се приближат до патнички авиони во САД. Листата ја води и ја ажурира Администрацијата за безбедност при транспорт.

– Ги разгледуваме сите можни алатки и техники што можеме да ги употребиме – изјави офицерот на ФБИ, Стивен Дантуоно.

– Не можеме са дозволиме истите насилници да се качуваат во авиони и да предизвикуваат уште насилства и штета – додаде лидерот на републиканското малцинство во Сенатот, Чак Шумер.

Поврзани вести

ВИДЕО: Руската младина тотално „откачи“ на Тик Ток поради палатата на Путин: Објавата на Навални предизвика вистиска виртуелна треска

Илинка Иљоска

Од кандидат за премиер до наследник на Иџет Мемети: Насер Зибери избран за народен правобранител

Слободен печат

Димитров и Османи останаа без конкретен датум: Македонија не доби рок од Европската Комисија за анти-ковид вакцините

Слободен печат

Началник на клиника сексуално вознемирувал неподвижен пациент: Обвинението против докторот од Бања Лука е потврдено

И.И.

Снег и силен ветар ноќеска на Шапка: Се расчистува завеаниот пат низ викенд населбата

Слободен печат

Претседателот на Уставен суд Мурати на средба со Груби: Соодветна и правична застапеност и постоење на единственост во ставот меѓу сите судии како основни и најитни приоритети

Слободен печат

Остави Коментар