ФБИ: ИРА пред 40 години планирала да ја потопи јахтата со кралицата Елизабета во Калифорнија

Терористи од Ирската републиканска армија пред четири децении планирале атентат врз британската кралица Елизабета Втора додека била во посета на САД, покажуваат доверливи документи што поради застареност вчера ги обелодени Федералното биро за истраги.
Атентатот, според документите на вкупно 102 страници, требало да биде извршен со фрлање „објект“ од мостот Голден Гејт во Сан Франциско директно врз јахтата со нејзиното височество, или со напад додека кралицата и нејзиниот сопруг, принцот Филип, се во посета на националниот парк Јосемити.
Плановите за атентат ги открил офицер што посетувал ирски паб во Сан Франциско, еден месец пред посетата на британската кралица на Калифорнија. Човек во пабот на 4 февруари 1983 година во разговор со офицерот рекол дека планира да ѝ се одмазди на кралицата поради смртта на неговиот син, кој загинал во Северна Ирска откако полицијата го застрелала со гумен куршум.
ФБИ ја оценила заканата како сериозна поради што го зајакнала обезбедувањето на кралската двојка и го ограничила пристапот до мостот Голден гејт. Во документите не е прецизирано какви мерки биле преземени во Јосемити. Кралицата без никакви инциденти ја завршила посетата.
Закани за кралицата имало и при нејзините посети на САД во 1989 и во 1991 година.
ФОТО: Официјално откриен надгробниот споменик на кралицата Елизабета Втора
Кралицата Елизабета Втора беше цели 70 години на тронот иако немаше формално образование