Фаза 4: Марвеловите јунаци во нова офанзива

Инстаграм

Наташа Романова, агентот на ШИЛД, која се справува со предизвиците што на светот му го носат мутантите, суперхероите и луѓето со изразени таленти, како и непријателски настроените вонземјани, конечно ќе добие посебен филм

Во последниот блокбастер на Марвел – „Одмаздниците: Завршна игра“, го проследивме расплетот на точно 21 филм, кои во изминативе години ги исполнуваа киносалите од целиот свет.
Филмот заработи две милијарди долари, со што стана најуспешниот комерцијален проект на сите времиња (доколку не се пресметува инфлацијата), а иако на гледачите им го донесе крајот од приказната, сепак тоа воопшто не значи дека од продукцијата имаат намера да се откажат од намерата и натаму да профитираат од истите суперхерои, од кои половината се официјално мртви.
Т.н. Фаза 4 претставена од Марвел, во себе носи шест нови филма, кои во текот на оваа и наредната година ќе бидат емитувани. „Црната вдовица“, „Вечните“, „Шанг-Чи и легендата за десетте прстени“, како и нови продолженија на „Спајдермен“, „Д-р Стрејнџ“, и „Тор“.

Скарлет Јохансон повторно е Наташа Романова

Агентката на ШИЛД, која се справува со предизвиците што на светот му го носат мутантите, суперхероите и луѓето со изразени таленти, како и непријателски настроените вонземјани, Наташа Романова, конечно ќе добие посебен филм.

Скарлет Јохансон повторно ќе го толкува ликот на ноторната Романова, како што тоа го направи во серијалот за „Одмаздниците“. Во сценариото се опишани епизоди од детството, како и нејзините почетоци во ШИЛД, каде го заработи прекарот – Црна вдовица. Премиерата на овој филм е закажана на први мај оваа година.

Во текот на 2020 година ќе ги проследиме и премиерите на „Вечните“ и „Шанг-Чи и легендата за десетте прстени“, филмови со кои од „Марвел“ се надеваат дека ќе успеат да створат уште подобра позиција на азискиот пазар, вклучително и во Кина.

IMBD

Доктори и богови

Бенедикт Камбербач е еден од најбараните актери на денешницата, па разбирливо е него да го гледаме во бројни улоги, кои понекогаш и премногу се разликуваат. Од улоги на детективи, научници, офицери, па сè до Стефан Стрејнџ, окултниот „Д-р Стрејнџ“, како еден од главните суперхерои на Марвел.

Продолжението на овој филм ќе биде емитувано наредната година, кога на публиката ќе ѝ биде претставен филмот „Мултиверзумот на лудилото“. Не се објавени детали за филмот, но потврдено е дека премиерата ќе се одржи на 7 мај 2021 година.

Од продукцијата ќе го презентираат и новото продолжение, од најновата франшиза за „Спајдермен“, која го доби насловот „Далеку од дома“. Британскиот актер Том Холанд повторно ќе биде во главната улога, а проектот ќе го изработи проверена екипа.

Голем интерес од публиката би требало да донесе и најновото продолжение на филмот посветен на нордискиот бог Тор, кој ќе го носи насловот – „Љубов и грмотевици“. Крис Хемсфорт веќе даде изјава со која ја потврди посветеноста на проектот, а во ова продолжение ќе го видиме и раќањето на Натали Портман, која конечно се реши повторно да биде дел од франшизата.

Амбициозни ТВ проекти

Покрај најавените филмови, Фазата 4 на „Марвел“ значи и реализирање на неколку амбициозни ТВ проекти. Не е ништо официјално потврдено, но најверојатно ќе биде започнато снимањето на епизоди за Локи, посвоениот брат на Тор. Локи беше дел од „Одмаздниците“ и филмовите за Тор, отелотворен од британскиот актер Том Хидлстон. Не знаеме дали истиот актер ќе го толкува ликот на „морално проблематичниот бог од нордиската митологија“, ниту пак кој аспект од неговиот живот ќе биде опфатен со телевизискиот проект.

Во плановите е и серија „Хок Ај“ еден од суперхероите од помладата генерација на „Марвел“, кого можевме да го видиме во „Одмаздниците“. Планирани се и серии со наслови – „Што ако?“, „Госпоѓица Марвел“, „Вандавижн“, „Соколот и зимскиот воин“, „Месечевиот витез“ и „Жена Хулк“. За жал, ниту еден од овие наслови не е потврден од менаџментот на „Марвел“, но сигурно дека добар дел од нив ќе влезат во продукција.

Непотврдени се и плановите за претставување на нови ликови од универзумот на „Марвел“, како и снимање на нови филмови во кои ќе бидат претставени сосема нови ликови. Плановите на продукцијата малку беа пореметени од „Капетан Марвел“, кој не помина најдобро кај публиката и покрај извонредно добро водената маркетиншка кампања во пресрет на премиерата.

Како и да е, љубителите на „Марвел“ во наредните две години ќе има на што да се надеваат и со нетрпение да ги очекуваат најавените остварувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот