Фатумот на датумот

Светов скоро ќе се распадне. Така што, океј сме и без датум. Да поуживаме уште малку.
Неверојатниот микс на оптимистички песимизам или песимистички оптимизам, збогатен со идеална доза на рационалност, благородност и добронамерност, ми го испрати сношти, додека стомакот ми се грчеше по секој залак на европските лидери на вечерата во Брисел, Ирина Тричковска.

Нормално дека ја послушав, отворив едно “Лепово” и фатив да уживам во мирисот, во букето, во богатиот вкус, а малку потоа и во кревањето на нивото на крвното масло во мојот мотор, полека, во нивниот бриселски ритам, но си реков, ако светот, сепак, преживее, ќе ѝ сугерирам на ќерка ми да се обиде во новинарството или во некоја друга сфера на јавните комуникации, можеби во високата политика, бидејки не сум сретнал човек кој е во состојба во толку малку текст да внесе толку сублимации, енергија, факти, стил и дух.

Малку пред оваа ослободувачка порака ми беше порачала дека кога Макрон го клоца Македонецот, тој се однесува како кога Бил Гејтс би шутирал некој бездомник затоа што овој нема пари. Алудирајќи на солидарност како битен елемент на европската конституција. Смачкана под ситниот чекор на францускиот претседател.

Како и да е, останавме без датум.

Макрон успеа да ја покори Европа полесно од Наполеон. Или да ја растури. Не е јасно.

Макронизиран континент

Се фати за Македонија и со бојата на нејзината жртва го офарба целиот континент.
Некретенската Македонија никогаш нема да зажали за тоа што го стори на патот кон Европската Унија. Ниту за Договорот од Преспа, ниту за уставните промени, ниту за промената на името, ниту за Договорот со Бугарија, затоа што тоа беа и нејзини критериуми, критериуми на нејзините проекции за иднината, изборени во судир со не мали внатрешни отпори, тоа Заев убаво го порача синоќа, но одбивањето на Макрон и на Унијата да ги акцептираат тие резултати, напори и жртви преку отворањето на пристапните преговори, го бои макронизираниот континент, таа, значи, Макронезија со распарчаните кредити, интегритети и морали на себе, на Франција и на Унијата како автори и актери на неверојатниот, единствен и неповторлив политички, геополитички и, пред сè, морален скандал, срам и пораз. Јас студирав политички науки и можам со сигурност да ви кажам дека вакво срање во петмилениумската историја на политичкиот свет не е исерено.

Унијата не вивна во ѕвезденото пространство на правдата, слободата и демократијата, па ни јави да штедиме кислород затоа што нема да не спушти меѓу Европејците додека не изготви методологија за проширување без ширење. Тоа е како Макрон да ја пушти сопругата да нурка на средината на Средоземното Море и пред последните голтки кислород да ѝ јави дека не е во состојба да ја извлече на површината додека не го исчисти морето од пластичен отпад, отровни хемикалии и нерибини фекалии.
Мислам дека тоа еднонеделно просерување на европската политичка елита на темата Македонија и Албанија, ќе има страшни последици и врз Унијата, врз нејзиното единство, врз нејзината доктрина, филозофија и моќ, но за Македонија целата таа претстава околу датумот, освен што може да ѝ служи на чест единствената можност да окупира волкаво внимание на цела Европа, па и на светот, е пострашна отколку поразот на Франција од Италија во финалето на Светското првенство во фудбал во Германија во 2006, по судирот на главата на Зидан со градите на Матераци, или од поразот на Наполеон во Русија, хахаха. Пострашно е од пожарот во Нотр Дам.

Многу негативни последици ќе има и врз регионот, врз косовско-српските односи, врз односите во БИХ итн.

Без смисла за брзиот ритам на времето

Нова методологија – да, но левтерноста со која се предлага овој потег покажува дека Макрон нема смисла за брзиот ритам на времето. Или дека има други цели. Тој се однесува како капетан на голем крузер кој врши деталната проверка на патниците додека од хоризонтот со илјада километри на час се приближува страшното цунами.

Времето на европските класици во дипломатските замешателства е завршено. Потребни се големи откоси. Со ситно ситнење и арчење на времето може да се случи кога ќе ја заврши методологијата за проширување, да нема кандидати. Може и Унијата да исчезне точно во моментот, кога Макрон ќе биде готов со методологијата.

Циниците велат дека додека лидерите на ЕУ расправале за Македонија, нивото на морето кај Ница се покачило за десет сантиметри, Помпео го убедил Ердоган да ја сопре офанзивата против Курдите, Путин ја предал власта во Кремљ на Каспаров, а Хонг Конг побарал одвојување од Кина и присоединување кон Северна Македонија.

Хахаха.

Каков е тој дебатен клуб!? Кој не може да реши ниту еден проблем затоа што додека реши како ќе го решава, проблемот се трансформира во нешто на што нивното решение не може да влијае. Релациите со Европската Унија се последниот здрав лигамент на кој се држи оглоданиот костур на Македонија. Другите се изедени заедно со месото, директно или преку растресените локуми од зимски пачи, некои се испокинати, бидејќи долго не биле подмачкувани, а трети се откриени како лажни во рамките на редовните специјалистички прегледи по историја. Дури и да ни го остават Гоце, коленото наше нема да го биде.

Тоа е. Македонија е нетипичен случај. Државата некако се држи, со сите слабости, власта се труди да го обнови демократскиот капацитет и системската поставеност што беа уништени во времињата на Груевски, институциите се во фаза на помалку или повеќе сериозна рехабилитација, правосудството се буди од комата во која беше цели два-тринаесет години по тешкиот нокаут од вмро-дпмне, но се плашам дека раскурцаноста на општеството, неговата психотичност и хистерија, тоталната вредносна дезориентација и немоќ да не дозволи дневните заебанции, криминали и слично да му го сјебат единството на капиталните теми и ориентации, ќе добие чудовишни размери.

Еве неколку ориентации. Северна Македонија може да влезе во фаза на интензивно распаѓање. Во организмот си го носиме распрснатиот тумор на вмро-дпмне, односно потенцијата за галопирачки рак. Имаме само една единствена шанса за да се извлечеме. Поразот од Европа да го претвориме во победа против вмро-дпмне.

Не е исклучено солидарноста и единството да се разбудат во несреќата што ни ја приреди старата љубовница. Да се препознаат без резерви епските резултати во државотворната реализација во последните две години воопшто, а посебно на фонот на груевистичката оставина и неверојатната посветеност на просперитетот на Заев, Димитров, посебно, но и на Османи, на Шекеринска, на Пендаровски, нивната храброст, жртва и визија.

Мислам, мене ми е јасно дека сите политички структури се виновни што Македонија сè уште не ги симнала сите неизвесности околу својата иднина, но само злосторничката инсталација на човекот од Будимпешта ја има супстанцијата и формулата на македонската небиднина. Нема Македонија ако има вмро. Тоа би требало да го прогласиме за прв закон на македонската национална и политичка термодинамика. Во овие неколку денови, додека се грчеа нервите на нормалните граѓани, чакрите на таа злосторничка банда се отвораа и тие не може да ја скријат среќата од македонската несреќа. Како и секогаш.

Се разбира, општеството може да тргне по друг пат. Јас му посакувам да цркне колку може побезболно. Повеќе за него, а и за себе, не можам да сторам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот