Фатете го прасето, за десет дена иде Божик!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Секој си живее со своите заблуди во вечната земја Македонија, каде чудата паѓаат од небо и по ведро и по облачно време.

Морам да признам дека по малку и уживам во паниката – како што точно оценува опозицијата – што ги има зафатено разни нивоа на социјалдемократската власт поради тоа како славно си поминуваат со локалниве избори. Тоа е партија која, традиционално, кога е на власт, се опушта до ниво на вонтелесно левитирање, мислејќи дека сѐ што лета се јаде и дека светот е создаден така што добрите идеи од партиската програма треба да ги спроведува некој друг. Голем број од нив десет години „од сенка“ го проучуваа владеењето на Груевски и потајно му се воодушевуваа, мислејќи дека тој грд занает самите ќе го усовршат кога ќе дојдат на власт, ставајќи демократска ружа во реверот и користејќи ја партијата како трамбулина за сите свои неостварени, влажни желби. Па, кога силата на политичката гравитација, во облик на незадоволството на гласачите, неумоливо ќе ги тресне од земја, почнуваат да се тетерават и да излегуваат од властодржечкиот мамурлак, обично премногу доцна за политички отрезнети да го дочекаат она што им го носи утрото. Утрото по изборите.

Тоа е ситуацијата во која сега се наоѓаме: ќе се гои сдсмовското прасе во вториот круг гласање на десет дена пред Божик, френетично ќе се трча на сите страни да се бара изгубената поддршка со нови ветувања за поуките од задоцнето научените лекции, не би ли се пробудила свеста кај стотина илјади гласачи – тие што на овие избори, со правото на своето сеирџиско незадоволство, си останаа дома, а кои отсекогаш решавале кој ќе владее во земјата – што ги имаа, па ги загубија во последната година-две. Од СДСМ сега алармираат дека ѓаволот ја однел шегата и дека Груевски ги пакува куферите за враќање во Скопје. Во опозицијата веќе се прават списоци за одборите за негов дочек, бројот на местата за сдсмовци се ограничени.

Секој си живее со своите заблуди во вечната земја Македонија, каде чудата паѓаат од небо и по ведро и по облачно време. Значи, дојдено е време за акција, борба! Мора да се делува конкретно, обединето, одлучно! Со оглед на сериозноста на ваквата ситуација, вчера итно го закажавме извршниот комитет на локалните дебармаалски алкохолисти за да ги разгледаме резултатите од првиот круг локални избори и да донесеме мерки и активности за сузбивање на негативните гласачки појави. Па, кафеаната е нашата аналитичка судбина, ако се цени по бројот на луѓе што го одгледале филмот за Тома Здравковиќ!

Женски не викнавме, бидејќи се надвикувавме за важни политички теми, за кои не е добредојдена ситничавата рационалност за дневното преживување на женскиот нашминкан поглед на свет од кој се одзема и здивот и концентрацијата врз понудата на софрата. За загревање, главно се задржавме на летни манџи и мезиња, бидејќи зимницата сѐ уште не е стасана, но ракијата си беше уредно стара, од прекланската непотрошена претковидска реколта, миризлива и опојна како чувството на сеќавањата по старите добри времиња кога „со пенкало“ се рушеше режимот.

Присутните еден-двајца осоколени опозиционери наздравуваа за враќањето на починатото ВМРО на власт и им се заблагодарија на двајцата закоравени симпатизери на СДСМ на масата за таа успешна политичка дефибрилација. Тие, пак, во обид да се окуражат, ги креваа чашите во чест на тој минлив впечаток како што е доаѓањето и заминувањето на сезонскиот грип… Останатите ја славеа победата на граѓанскиот пркос наспроти партиските стеги, налик на првите стуткани сарми од недозреана кисела зелка, кои внимателно се вадеа со лажица од тенџерето, во последен момент спасени од давење во демагогијата на мрсната партиска запршка прекриена со пушена сланина… Решивме да се храниме здраво, свесни дека кога Левица, еве, само што не се, ќе дојде на власт, само зелени, незачинети салати, варени тикви и овесни брбушки ќе се служат по биртиите, бидејќи црни кошули со поголеми броеви нема да се шијат.

Виното осредно, но обилно, како и општиот квалитет на македонската политика. Уште незапиени, падна одлука: свежи чаши со секоја нова тура! Келнерот се покори на волјата на владејачкото мнозинство на асталот, одамна дел од реставрацискиот мебел, со забелешка дека кога едни политичари се на власт, човек го експлоатира човека; а кога другите ќе ги заменат, се случува обратното… Малку се замисливме, нѐ фати неподготвени џамбазов, ама брзо со клоци го вративме во кујната да провери до каде се пушените колбаси и џигерот со лукче и магдонос. Па, не може секој да се занимава со висока политика!

Во таква гастрономски ангажирана атмосфера се поведе теоретска расправа, проследена со редовни подждригнувања и кревања чаши во слава на македонската демократија, за постизборната разлика помеѓу поимите „уцвикани“ и „уцвилени“, со компаративен меѓупартиски осврт за периодот 2016-2021. По таа точка на дневниот ред, заклучокот е јасен: кому како ќе му паднат партиските панталони на избори, се кријат како глувци посипани со пепел – „Где сте сада мишеви?!“, влезе, без превод, и во записникот од состанокот – додека истите глодари од претходната екипа на власт мислат дека тоа што на овие избори изгубиле помалку гласачи од овие што се сега на власт, е нивна заслуга… Здружно се скинавме во неколку салви од смеење!

За другите детали од дискусијата оставам да сведочи исцедената содржина на виледата со која завршно се пребриша масата. На крајот, кога надвор темницата го изгасна сонцето, сите се согласивме со другарот Сталин, кој беше во право кога мудро велеше дека, ако изборите се добро организирани, не мора ни да се одржат! Ах, слободо, опиени сме кога те имаме! За неа вреди да се помачиме и во вториот круг од гласање, па кој како ја разбира. Оти, без трезнење, и пијанството губи смисла.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот