Фаталната привлечност на империите
Во меѓународната планетарна животинска фарма, малите земји се групираат во „јата“ исто како што основната одбранбена стратегија на малите рипки во океаните е групирањето во огромни јата што ги збунуваат предаторите.
Вообичаено е денес да се смета дека големиот англиски филозоф и веројатно основач на современата политичка наука Томас Хобс, својата теорија за социјалниот договор како основна структура на државата ја темели врз старата латинска изрека „Homo homini lupus est“ или „човек на човека му е волк“. Меѓутоа, и бегол увид во клучното Хобсово дело за државата – „Левијатан“, ќе нè увери токму во спротивното. Хобс ја аргументира тезата дека човек на човека му е нешто како бог, а дека градовите односно државите меѓу себе се третираат како волци од различни дувла. Клучниот дел во кој се спомнува латинската изрека – кој, патем, во чаршијата упорно погрешно се цитира – гласи: „Говорејќи непристрасно, обете изреки се сосем вистинити; дека човек на човека му е некаков бог; и дека човек на човека му е безочен волк. Првата изрека е вистинита ако ги споредиме граѓаните меѓу себе, а втората е вистинита ако ги споредуваме градовите“ при што Хобс мисли на државите, односно на општествата.
Правилно сфатениот Хобс во оваа смисла може да се смета за предвесник на современиот геополитички реализам, правец во политичките науки чијшто еминентен претставник е професорот Џон Миершајмер. Според зборовите на Миершајмер, геополитичкиот реализам е учење за однесувањето на државите во меѓународната заедница, кое нема ниту идеолошка ниту, пак, морална компонента. Со еден збор, реализмот цели да ги проучува, опишува и рационализира вистинските законитости во однесувањето на државите како посебни актери на меѓународната сцена, а не да ги бара и разликува „добрите“ од „лошите“, или да застанува на страна на едните или на другите бранејќи ги со идеолошки или со морални аргументи.
Основната претпоставка на реализмот е повеќе од очигледна: тоа е реалноста во која над државите како актери на меѓународната сцена не постои повисок авторитет, некаква „светска влада“ или друг вид владејач што би го одржувал редот и мирот на меѓународната сцена, и би арбитрирал со повисок и независен авторитет во сите меѓународни случувања и конфликти. Така што државите се оставени сами на себе, за својата сувереност и за своите интереси да се потпираат само на својата воена и економска моќ, на своите геополитички зададености и на своите културни и дипломатски односи со соседите и со големите сили за да ги обезбедат двете најважни цели: својата егзистенција и безбедноста на своите граѓани, територија и ресурси. Поради тоа, во реалноста не опстојуваат идеалите и принципите впишани во Повелбата на ОН, за еднаквоста, рамноправноста и сувереноста на државите, туку е повеќе присутна поделбата на државите на суверени и помалку суверени, на еднакви и „поеднакви“, на рамноправни и многу „порамноправни“. Реалноста на односите помеѓу државите излегува дека повеќе наликува на односите помеѓу различните животни во „Животинската фарма“ на Орвел, отколку на идеалниот свет од Повелбата на ОН.
И така, во меѓународната планетарна животинска фарма, малите земји се групираат во „јата“ исто како што основната одбранбена стратегија на малите рипки во океаните е групирањето во огромни јата што ги збунуваат предаторите. Главни актери во планетарната фарма се големите сили, империите, кои хронично патат од параноја, ја сфаќаат својата безбедност и егзистенцијален интерес единствено во принципот на непрекинатото ширење, па со таа цел се трудат на секој начин – со потплата, закана или со сила – да придобијат или да потчинат што повеќе „сојузници“ помеѓу помалите земји околу себе и помеѓу сопствената и соперничката империја и на тој начин да создаваат тампон-зони од помалку „вредни“ тампон-држави.
Историјата овие обрасци на однесување го потврдила безброј пати: империите создаваат сојузи во кои тие се хегемонот додека сите други членки на сојузот се потчинети или помалку „рамноправни“, при што темелните два принципи на ширењето на империите се првин преку воено освојување и неговото рационализирање како ширење на „вистинската вера“, „цивилизацијата“, „демократијата“ или некоја друга шарена лага. Вториот начин за ширење на империјата е преку помагањето на сепаратистичките и националистичките движења во рамките на конкурентските империи, предизвикувањето и помагањето на нивното отцепување и распаѓањето на непријателските империи, што претставува практична реализација на римската – а всушност вечната – максима „раздели па владеј“.
Империјалната суштина на воено-политичките сојузи на независни држави во која најсилната империја глуми стратешки партнер и сојузник на сите други членки на сојузот, постои уште од Златниот век на атинската демократија. Всушност, златото од кое беше создаден атинскиот златен век, заедно со сите архитектонски, скулпторални, научни и литературни дострели на Атина, што блескаат низ историјата без да изгубат ниту искра од својот сјај, беше злато што членките на сојузот, независните – а всушност потчинетите – градови-држави ѝ го плаќале на Атина за да ги заштитува, одржувајќи ја нејзината воена моќ и доминантна морнарица, како гаранција за нивната безбедност. Делоскиот сојуз од петтиот век пред нашата ера се создаде и благодарејќи на постоењето трајна и несогледливо голема надворешна закана за постоењето на сите полиси на егејското крајбрежје и островите, каква што беше Персиското Царство, кое во тоа време се беше проширило до егејскиот брег на Мала Азија, и им дишеше во врат на сите крајбрежни и островски полиси. Од тогаш па до денес, на сите империи или воено-политички сојузи им е неопходна надворешна закана, која доколку не постои, треба да се измисли.
Така Атина во Златниот век стана Атинска Империја, единствено благодарејќи им на обилните прилози во чисто злато на членките на сојузот. А, кога веќе еднаш стана империја, Атинската демократија почна да се однесува како и секоја друга империја до денешните денови. Додека глумеше формална демократичност – денешниот консензус – во релациите со сојузниците во лигата, својата хегемонија ја спроведуваше ригидно и безмилосно. Атина почна да врши притисок и на незачленетите градови-држави да станат членки, наплатуваше „заштита“ и од полисите што не беа членки на сојузот, а оние што ќе се дрзнеа да ја напуштат лигата, сурово ги казнуваше.
Тукидид, атински генерал и историчар, современик на настаните, во детали ни ја опишува трагедија на малиот остров Мелос, кој се воздржуваше од зачленување во Делоската лига, одржуваше неутрален статус што го бранеше со специјални врски со Спарта, соперничката воена држава и хегемон на Пелопонеската лига (Атинскиот и Пелопонескиот сојуз се очигледни двојници на НАТО и Варшавскиот сојуз од времето на Студената војна, и на НАТО и Русија денес). Елем, за арогантна Атина, непристапувањето во сојузот значеше непростлив грев и поткопување на империјалниот авторитет, зашто мораше да се одржува ширењето на Атинската Империја, а тоа ширење мораше да изгледа посакувано од сите. Мораше да се создаде општа перцепција дека сите околни држави јурат кон Атина и сакаат по секоја цена да се зачленат во Сојузот (исто како и експанзијата на НАТО по европскиот континент), а инаетот на малиот Мелос ја компромитираше таа владејачка „вистина“.
Во летото 416 година пред нашата ера Атинската моќна морнарица со 3.000 елитни борци го нападна островчето Мелос, коешто во тоа време не беше населено со повеќе жители отколку што беше бројноста на воената сила што ги нападна. Сепак, и покрај преговорите за предавање и „доброволно“ стапување во Атинскиот сојуз, Мелошаните – веројатно лажно надевајќи се на помош од Спарта – ги одбија атинските предлози, по што почна опсадата на островот. Кога поради цврстата опсада островјаните почнаа да умираат од глад, островската град-држава беше присилена на безусловно предавање. И, што направи златната атинска демократија, тој историски светилник на цивилизацијата? Според деталните описи на Тукидид, Атињаните извршиле егзекуција на сите возрасни мажи на островот, а децата и жените ги продале на робовските пазари ширум Егејот. Потоа, по уредно извршениот геноцид, на потполно испразнетиот и опустен остров, на кој не остана ниту една жива домородна душа, Атина насели 500 колонисти од копното.
Толку за светото право и несопирливата желба на земјите на светот да се зачленат во НАТО, и толку за цената во туѓата невина крв што империите со лесно ја плаќаат за одржувањето на привидот на нивната фатална привлечност.
(Авторот е архитект и универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“