Фаталната 2001 година

Фото: Слободен печат

Мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазиците, поточно употребата на албанскиот јазик на целата територија на Република Македонија, предизвика неколку несреќни реакции од нашите политичари.

Од комисијата сметаат дека спорна е имплементацијата на законот во делот на правосудниот систем и казнените одредби. Паметен човек веднаш би ги засукал ракавите и би се залагал за поинакво решение, но има и такви кои одговор би пронашле во споредби со 2001 година, алудирајќи на времето кога во земјата беснееше крвавиот конфликт, гореа села, гаснеа човечки животи, а илјадници останаа без своите домови.

Вицепремиерот Бујар Османи ја повтори изјавата на својот колега од ДУИ Артан Груби, дека замрзнувањето на одредбите на законот донесен пред две години, ќе ја врати земјата во периодот пред 2001 година. Значи во периодот пред војната, кои ние нагалено си ја викаме конфликт.

Бидејќи Бујар и Артан не беа директни учесници во конфликтот од 2001 година, а нивниот партиски лидер Али Ахмети додека тука се пукаше најголемиот дел од времето го помина во Швајцарија, мислам дека е редно да им се објасни каков беше периодот пред и за време на војната.

Тогаш Албанците беа предводени од две доминантни политички партии. Партијата за демократски просперитет и Демократската партија на Албанците. Првенци на албанското политичко здружување непосредно пред конфликтот беа Абдурахман Алити и Имер Имери од ПДП и Арбен Џафери од ДПА, како и неговиот заменик Мендух Тачи.

Треба да се спомне и дека неколку години претходно земјата беше потресена од студентските протести, кога од македонскиот корпус на млади интелектуалци беа покренати масовни штрајкови, поради намерата на Владата предводена од Бранко Црвенковски да отвори катедра на албански јазик, со цел да се образуваат идните наставници кои предаваат во паралелките составени од албански ученици. Овие протести длабоко ја поделија земјата и предизвикаа огромни последици, кои делумно ќе доведат и до првата историска победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори, а идната коалициска влада ќе биде формирана со помош на Демократската алтернатива и ДПА.

Иако водачите на студентските протести станаа бренд на ДПМНЕ, сепак премиерот Љубчо Георгиевски мошне мудро започна да гради партнерски однос со Арбен Џафери, создавајќи услови за унапредување на малцинските права на албанското население во Македонија. Но, треба да се напомене и дека набргу дојде 1999 година и акцијата на НАТО против тогашна СР Југославија, што резултираше со отцепување на Косово од составот на Србија. Претходно ја споменав и партијата Демократска алтернатива, која кумуваше на нашето признавање на Тајван, по што налутените кинески претставници во Советот за безбедност на Обединетите нации гласаа против продолжувањето на мандатот на меѓународните сили во Македонија, па границата со Косово остана без контрола.

Од тој момент ништо повеќе во Македонија не зависеше од албанските политичари. Први на мета беа полициските станици во Тетово и Куманово, кои беа цел на гранатирање, за да набргу разбереме дека униформирани лица се забележани во с. Танушевци на Скопска Црна Гора. Не одеше тоа така бргу, мислам на конфликтот, но по некое време  разбравме дека зад нападите стои некаква ОНА, акроним од Ослободителна народна армија, афилација на УЧК или Ослободителната војска на Косово. Како по филмска лента почнаа да се одвиваат крвавите настани. Прво ја видовме опсадата на тетовското кале, па борби во поширокиот предел на Скопска Црна Гора. Во меѓувреме се отворија фронтови во реоните на Зајас, Липково, Шара и секако во с. Арачиново, по што на мапата на конфликтот беше ставен и главниот град Скопје. Се случија и масакрите на македонските војници кај Вејце и Карпалак. Во тоа време само наслушнавме и за големата борба кај Радуша, за која иако нема официјална потврда, според сведочењата на македонските бранители е најголемата битка одржана за време на конфликтот во 2001 година.

Потоа дојде „Рамковниот договор“ а на следните парламентарни избори ноформираната Демократска унија за интеграција, предводена од Али Ахмети ја однесе победата над останатите политички партии од албанскиот политички блок, а доминацијата на ДУИ трае до ден денешен.

Зошто е ова битно? Зошто во 2001 година од Косово се прелеа во Македонија конфликтот, во смисла на оружје, војници, но и политички идеи. ДУИ никогаш немаше да биде формирана доколку предходно не се случеа драматичните случки поврзани со војната. Во моментов се одвива уште еден драматичен процес во Косово, чиј статус би можел да претрпи измени во блиска иднина, што е една од темите на преговорите со политичките претставници на Србија. Не треба да се биде многу паметен дека Македонија повторно би можела да биде вовлечена во српско-албанските односи, што во најмала мерка може да значи и инсталирање на друга политичка сила, која повторно со оружје ќе се избори за доминација и во политичкиот живот на Албанците во земјава. Можеби од таа гледна точка, Законот за јазиците е само превезот пред очите, кој ќе предизвика нови студентски протести и ново меѓунационално нетрпение во Македонија, а пота ќе следува нова „интервенција“ од Косово? Враќањето на односите од пред 2001 година, секако дека не е добра опција за никого во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот