Фашизмот и Пипи долгиот чорап

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Астрид Линдгрен напишала во текот на Втората светска војна дека повеќе стравувала од Сталин, отколку од Хитлер. Основачот на Икеа, Ингвар Кампрад, во своите мемоари запишал дека бил нацист и го обожавал Хитлер, додека за Ингмар Бергман се тврди дека имал слика од Хитлер над својот кревет и изразувал одушевување од него.

Интензивната кампања за натамошно ширење на НАТО истовремено со руската инвазија врз Украина, пред сè поради зголемените очекувања молба за членство да поднесат неутралните Финска и Шведска, ги засили до невидени размери обидите за користење искривен поглед на историјата од страна на Кремљ, како политичко оружје против соседите на Русија.

Но, преку некои граници сепак не може да се оди. Рускиот претседател Владимир Путин му се извини на израелскиот премиер Бенет за неодамнешната скандалозна изјава на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров дека нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер има еврејски корени и дека „најжестоките антисемити обично се Евреи“. Се разбира, нема никакво изненадување во тоа што реакцијата од Тел Авив беше дека таквата изјава е „непростлива и скандалозна“.

За разлика од Израел, Шведска деновиве не реагираше толку жестоко на излепените постери во Москва на кои прочуените шведски имиња Астрид Линдгрен, Ингмар Бергман и Ингвар Кампрад се означени како нацисти. Над нивните фотографии на постерите на автобуските постојки во Москва стои: „Ние сме против нацистите, тие не се“.

Овие познати шведски личности се посочуваат како нацисти врз база на некои нивни изјави. Астрид Линдгрен напишала во текот на Втората светска војна дека повеќе стравувала од Сталин, отколку од Хитлер. Основачот на Икеа, Ингвар Кампрад, во своите мемоари запишал дека бил нацист и го обожавал Хитлер, додека за Ингмар Бергман се тврди дека имал слика од Хитлер над својот кревет и изразувал одушевување од него.

И Кампрад и Бергман одамна јавно зборувале за црвот што им се вовлекол како извесна опсесија во тој исторски период на нацизмот. Еден од најголемите светски филмски творци на сите времиња, Ингмар Бергман, како централна тема во неговото творештво ги има срамот и вината. Но, слабо се зборува за тоа дека од 1936 до 1946 година имал силни симпатии кон нацистите и, како што самиот кажал со свои зборови, го „сакал Хитлер“. Сликите од нацистичките логори на смртта и во текот на 1945 година, пред завршувањето на Втората светска војна, и понатаму ги сметал за пропагнда. Дури во 1946 година ја сфатил вистината и почувствувал дека се нашол пред работ на амбисот во кој можел да пропадне, токму поради сопствениот голем срам и вина. Бергман пишува за тоа во својата автобиографија „Латерна магика“.

Кога станува збор за Астрид Линдгрен, автор на еден од планетарно најпопуларните ликови од детската литература, најсилното девојче во светот Пипи долгиот чорап, кое нема ни најмала трошка допир со фашизмот и со неговото наследство во современа Европа, се издвојува еден запис во нејзиниот дневник од 1940 година: „Па и ако биде вака, попрво ќе извикувам хајл Хитлер до крајот на животот, отколку Русите да бидат овде, во Шведска. Не можам да си замислам ништо погнасно“. Како што пишуваат шведските историографи, во тој избор помеѓу чума и колера – меѓу Хитлеровите или Сталиновите логори на смртта – многумина веројатно не можеле да заземат јасен став. Но, поради тоа не може да бидат прогласени за нацисти или, пак, за комунисти. Освен тоа, како што се констатира во еден осврт во шведскиот весник „Дагенс нихетер“, руската пропаганда го промашила важниот момент, дека датумот кога Линдгрен го напишала тоа е јуни 1940 година. Тогаш сè уште бил на сила Пактот на пријателство меѓу двете тоталитарни диктатури, Советскиот Сојуз и Германија.

Да се прогласува Астрид Линдгрен за нацист, популарна писателка која го внесе светот како убаво место во секое дете се разбира дека е претерано. Шведското МНР соопшти дека е свесно за кампањата за оцрнување на Шведска преку споменатите постери во Москва, но дека нема намера да влегува во јавна полемика со руската организација „Наша победа“, која ја шири таа кампања низ руската престолнина. Во Русија, се вели понатаму во соопштението на МНР во Стокхолм, постојано се користат обвинувања за „нацизам“ против земји и поединци кои упатуваат оправдана критика против Русија и нејзиното однесување на меѓународната сцена.

Историјата и искривените ревизионистички погледи на историски настани и личности стануваат силно пропагандно оружје за пресметка со неистомислениците и посебно со земји кои сакаат да го задржат своето суверено право на самостојна надворешна политика.

Таков вид практика, патем речено, на Македонците им е мошне добро позната преку искривените грчки и бугарски погледи за градење добрососедство, при што како понтонски мост за поврзување постојано се инсистира на некакво добронамерно и „компромисно“ коригирање на македонската историја.

Се чини дека само на таков начин, со свесно прифаќање на политика што оди на сопствена штета, Македонците трпеливо чекаат локалните насилници да се смилуваат и да ја подотворат портата кон европското семејство. Со соседот си принуден да живееш еден крај друг, но тој факт на голо егзистирање не значи дека по секоја цена мора да бидеш и негов пријател. Посебно не ако соседот те чека на секоја пусија за да ти го загорчи животот.

Но, да се очекува некакво извинување од Бугарија поради негирањето на историскиот развој на македонскиот национален идентитет, а што Софија продолжува упорно да го наметнува преку сопствени „вистини“ за историските факти, е нереално. Каде се наѕира добрата „добрососедска“ волја за такво нешто? Напротив, токму темната фасада зад бугарските закани и историски ревизионистички апетити очигледно продолжува да се извишува зад другата страна на границата. Со високо кренато вето, како црвено знаменце во преговорите за „историската вистана“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот