Фантастичниот Франческо Тристано со диригентот Џијан Емин и оркестарот „Фaмe’с“ ќе настапи во Скопје

Концертот на познатиот пијанист, продуцент и композитор Франческо Тристано на 23 јули (сабота), во 20.30 часот, ќе се одржи во салата на Македонската Филхармонија. Заедно со него ќе настапат и младите талентирани музичари од оркестарот на Институтот „Фaмe’с“, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.

Концертот ќе претставува музичко патување каде публиката ќе има можност да се сретне со различни музички стилови испреплетени и збогатени со симфониски оркестар, композиции во кои се користат нови технологии, но во исто време и го користат звукот и инструментите од традиционалниот симфониски орекстар.

Овој концерт на хибридна музика, претставува своевиден музички крстопат каде се среќаваат класичната, електронската и современата музика, користејќи џез импровизации и елементи. На концертот ќе бидат изведени композиции кои се веќе создадени од Тристано и Емин, но и композиции кои ќе бидат напишани специјално за овој концерт.

Концертот претставува завршница на семинарот за хибридна оркестарска музика, симболично насловен како „Carte Blanche“, а ќе ја претстави работата на младите музичари кои учествуваа во работата на оркестарот на Институтот „Фaмe’с“ и мастер класовите кои ги водеа Франческо Тристано и Емин Џијан.

Франческо Тристано

Оркестарот на Институтот „Фaмe’с“ го сочинуваат млади талентирани музичари од различни европски земји и Македонија, чија цел е, пред сѐ, преку работа со врвните уметници и диригенти да се стекнат со нови искуства и знаења, да научат повеќе за различните музички стилови, начини на изведување и, секако, меѓусебно да ги разменат личните музички искуства и знаења, но и сопствените традции и културни карактеристки. Овие млади музичари, поддржани и раководени и од врвни македонски музичари, во различен состав ја започнаа својата работа на 14 јуни и поминаа низ еден разновиден и интересен едукативен процес, фокусирајќи се најмногу на професионализација на оркестарското музицирање.

Досега веќе беа реализирани два големи концерти, првиот на отворањето на фестивалот „Скопско лето“, а потоа и концертот со клецмер музика заедно со познатите музичари Оливие Труан и Колсимча. На 23 јули со овој фантастичен концерт, различен по содржина од сите претходни, завршува музичкото патување на младите таленти и врвните професионални музичари. Оркестарот при Институтот „Фaмe’с“ ќе продложи со својата работа веќе во септември и октомври, кога повторно ќе следат многу интересни концерти и содржини.

Франческо Тристано е исклучителен и мултиталентиран музичар, пијанист и композитор, кој успешно ги комбинира сите музички стилови. Франческо, кој е веќе многу познат и во електронската, експерименталната и џез музиката, стана референтна личност кога се зборува за новите движења, каде експлодира неговата креативност и умешност, но и начинот на кој тој успева да ја хомогенизира музиката и публиката. Тој соработува со врвни имиња како Дерек Меј и Карл Крег.

Тристано почнува да свири пијано на петгодишна возраст во Њујорк, на престижната школа Џулијард, а токму во Њујорк ја започнува приказната со електронската музика, а ги завршува и постдипломските студии. Добитник е на голем број награди од релевантните музички натпревари.

Џијан Емин / Фотографија: Маја Аргакијева

Џијан Емин, роден во Скопје, е сестран музичар со огромно музичко искуство. Долги години тој е прв хорнист во Македонската филхармонија, додека истовремено свири импровизација и џез, диригира на меѓународни оркестри за компонирање и аранжирање партитури за филм и театар, свири гитара или клавијатури со рок-групи, продуцира албуми, а работи и како уметнички директор на музички фестивали.

Џијан блеска во сиот свој сјај во секој свој музички облик, секогаш додавајќи изворен глас и неверојатна музикалност. Се смета за еден од водечките музичари на современа музика од Македонија и регионот, уживајќи прилично голема репутација и углед низ целиот свет.

Видео на денот