Фактите што ја дефинираат бездната

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Да го повлечеме својот амбасадор од Софија, и да го испратиме дома бугарскиот, да ги замрзнеме дипломатските односи на неограничено време – односно додека бугарската држава не ги полиже гомната со кои ги испогани сите европски вредности, практично додека не го повлече напишаното во меморандумот.

Елем, вицот оди вака некако. Се враќа Мујо од Шведска, се среќава со стариот другар Хасо, а овој веднаш го прашува: „Како е таму, Мујо, како се живее во Шведска?“ А, Мујо, со нервозен израз на гадење: „Ма, гони ја Шведска, таму се 30 години зад нас!“ Се чуди Хасо: „Па како тоа, поназад?“ Мујо одговара: „Така, нема напредок, не мрднаа ни педа сево ова време: таму сѐ уште убаво се живее!“

Хахаха, каков коперникански пресврт, какво совршено пробивање на митот за „напредокот“ што религиозно се одгледува не само на Балканите, туку и упорно на целата планета. И навистина, сѐ што на просторите на некогашната југословенска федерација се случуваше во последните триесет години – освен крвавите војни во деведесеттите, а и тие во негово име – се случуваше во име на напредокот, на придвижувањето нанапред, во име на подоброто утре. Но, сѐ што навистина се случи, беше едно системско, севкупно, општествено-политичко и културно лизгање надолу.

И ништо од она што го преживеавме на овие простори – сопственичката трансформација, всушност институционализираното разграбување и разнебитување на општествениот капитал и добра, губењето на чувството на заедништво, солидарност и колективна безбедност, општонародното свлечиште на моралната супстанција и хуманистичките вредности, сиромашењето на културата и процутот на просташтвото, незнаењето и заборавот, абењето на секаква визија за иднината и запаѓањето во безнадеж, па дури и изместувањето на историските и на идентитетските темели на самоспознавањето – значи, ништо од тоа, ама баш ништо не можеше да ја измести некогаш идеолошката а денес веќе рефлексната перцепција дека времето закономерно и само по себе носи напредок.

Не по секоја цена

Идејата дека подоброто е пред нас, дека е потребно да одиме упорно „напред“ без оглед на пречките на патот и без оглед на цената што по пат ќе ја платиме, испадна дека е посилна од сите жртви што ги даваме одејќи, од сите факти што не удираат како ниски гранки по лицата и од сите јасни зла што како остри камења на патот ни го кршат подвозјето на нашето возило.

Да се разбереме: вербата во подобро утре што ја храни надежта и ја обновува енергијата да се издржи и да се направи уште повеќе, за да се изоди избраниот пат и да се стаса на посакуваната цел, се не само неопходната психичка подготовка за секое големо патување и за секое торжествено претпријатие, туку се единствената алатка што човекот ја има во борбата за подобра иднина, што може да ја активира, одржи и додржи неговата волја.

Но, не по секоја цена, зашто преголемата цена платена за патот и преголемите жртви што се даваат за секоја нова пречка, го празнат од смисла самото патување. Саможртвата во текот на патувањето има смисла само доколку е дадена со јасна визија и гаранција дека следната генерација ќе ги ужива плодовите од патешествието, од постигната цел. Но, доколку жртвата бара комплетно самопоништување на сите патници, доколку нема кој да ужива во плодовите што чекаат замислени на целта, тогаш и најпростиот здрав разум налага да се подзастане и подразмисли малку. Песимизмот е најреалистичното и најмудрото становиште доколку стоиме пред бездна. Слепиот оптимизам што не сака да ги согледа фактите истопорени пред него, е најглупавото становиште на работ на бездната. Единствено што тој може да го испорача е фаталниот чекор во празно.

Кои се, значи, фактите што ја дефинираат бездната на нашиот пат кон Европската Унија? Имаме еден меѓудржавен договор за добрососедство, еден државен меморандум со кој бугарската страна ги крши сите членови, та дури и сите ставови од преамбулата на договорот, со кој на членките на Унијата Бугарија им го „објаснува“ своето решение да го блокира почетокот на преговорите за нашето членство во Унијата и еден политички гест на блокада. Од факти имаме само толку: два документи и една фекална граната. Сите други изјави, нонпејпери, интервјуа, преговори, па дури и акциски планови и други политичко-дипломатски тинтрања се обична „гола вода“ што не може да влијае на суштината што е за сите времиња отпечатена во двата документи.

Своите апсурдни барања македонската страна да изврши национално, културно и историско самопоништување Бугарите сакаат да го протнат – и тоа со тон на навредени стрини – низ нашето наводно непочитување на членот 8 став 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Да видиме како гласи тој фамозен став: „Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете договорни страни ќе формираат, на паритетна основа, Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, за да придонесе за објективно, засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни“. Толку. Ниту комисијата, а ниту пак нејзините извештаи не се услов за ниту една од другите обврски за кои се договорија двете страни. Јасно е дека не само што нема рокови за работата на комисијата, уште помалку за содржината на резултатите од работата, туку се предвидува долгогодишна работа која ќе има отчетност низ годишните извештаи. Нормално е дека таа комисија – како и сличните што се составени помеѓу други членки на Унијата – ќе работи повеќе децении и дека резултатите од таа работа не можат да се предвидат, а ниту пак се каков и да е услов за исполнувањето на другите одредби од договорот.

Замрзнати односи

Иако е очигледно дека македонската страна не го прекршила фамозниот член 8 став 2 од Договорот – затоа што во него нема временски ниту други услови – бугарската страна ги прекрши сите одредби од Договорот, но и самата негова суштина: воспоставување на пријателски и добрососедски односи. Всушност, како што веќе деликатно објаснив, бугарската држава се посра на европскиот плоштад со документ во кој експлицитно ја оптужува македонската држава дека е вештачка тоталитаристичка творба создадена на бугарска земја, со цел да се дебугаризира нејзиното население, да се сотре бугарскиот јазик што тука се зборува од почетокот на времето и тој да се замени со преку јазичен инженеринг измислен непостоечки македонски јазик. Во „објаснувачкиот“ е практично јасно истакната бугарската закана дека македонската земја ја сметаат за открадната бугарска земја, дека бугарските окупации во Првата и во Втората светска војна се единствените ослободувања на бугарската Македонија, а целото друго време оваа света бугарска земја е под окупација.

Како, значи, да се реши оваа бездна од проблем? Еве еден суптилен дипломатски предлог за решавање на проблемот: во тишина и со ладни глави, да го повлечеме својот амбасадор од Софија, и да го испратиме дома бугарскиот; да ги замрзнеме дипломатските односи на неограничено време – односно додека бугарската држава не ги полиже гомната со кои ги испогани сите европски вредности, практично додека не го повлече напишаното во меморандумот; потоа, да ѝ испратиме меморандум на Европската Унија во кој јасно би се ставило на знаење дека бугарските анексионистички претензии кон македонската земја и непријателските закани за уништување на македонската нација, историја, култура и јазик ги сметаме за суштински проблем на Унијата, а не на македонската страна, исто како што не прифаќаме дека е тоа билатерален проблем; и, конечно, дека ние стрпливо ќе причекаме Унијата самата да си го реши проблемот со Бугарија, а за тоа време ќе работиме на исполнување на условите и стандардите што се цел на преговорите. Има ли некој забелешки на мојов деликатен предлог? Никој?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот