Факти што не сме ги знаеле или сме ги заборавиле за браќата Манаки
Ги знаевте ли овие факти поврзани со ликот и делата на браќата Милтон и Јанаки Манаки?
– Браќата Манаки биле првите филмски сниматели на Балканот. Тие биле родени во влашкото село Авдела, кое денеска се наоѓа во Егејска Македонија.
– Браќата Манаки потекнуваат од петдетно влашко семејство. Тие имале три сестри по име Евантија, Василика и Стерјана.
– Во 1905-та година се селат во Битола каде го отвориле своето „Ателје за уметничка фотографија”.
– Браќата Манаки во тоа време биле многу познати фотографи и имале свој печат и калиграфски потпис кој го ставале на секоја фотографија.
– Во 1906-та година, на покана од Карл I фон Хоенцолерн-Зигмаринген, првиот кнез на Романија, своите дела ги претставиле на светска изложба која се одржувала во Букурешт каде Јанаки се закитил со златен и сребрен медал за фотографии од лица од Македонија, односно фотографии од Влашки цркви, додека Милтон освоил златен медал за збирка негови фотографии.
– Започнуваат да фотографираат со голема камера марка Кодак, купена во Париз. Во текот на нивната кариера тие биле официјални фотографи на царевите на Отоманската Империја, Романија и Србија.
– Браќата Манаки имале и свое летно кино кое било отворено на 26 август 1921-ва година, за подоцна во 1923-та да изградат нова зграда каде на 1 декември била одржана првата кино претстава. Киното постоело до 1939-та година каде биле прикажувани најзначајните филмови од тоа време.
– Браќата Манаки по купувањето на филмска камера, Bioscope 300 на производителот Charles Urban&Co од Лондон, започнуваат да снимаат сцени од секојдневниот живот на жителите во нивната околина и го добиваат прекарот „Браќа на светлината на Балканот”. Овие снимки всушност го сочинуваат првиот снимен филм на Балканот, кој го носи насловот „Баба Деспина”.
– Голем број кино-сали го носат нивното име и секако секоја година во нивна чест се одржува реномираниот филмски фестивал „Браќа Манаки”.
– Фотографијата била нивна примарна дејност, со која си го обезбедувале опстанокот но она пионерското и највозбудливо што тие го создадоа е нивното кинематографско дело со „Камера 300“. Тие се основоположници на филмската уметност кај нас и на Балканот пошироко.