Фабрика за преработка на отпад ги налути Гевгеличани

Итно запирање на постапката за отворање на фабриката за преработка на отпад во Гевгелија побараа гевгелиските граѓански активисти, откако локалната самоуправа најави дека членовите на Советот на Општина Гевгелија ќе се сретнат со компанијата која ја отвора фабриката „Г&О Васте Солутион ДООСкопје“ за да се информираат за каков тип на преработка и каков отпад се работи.

– Погонот за преработка на отпад се планира во индустриската зона каде има лесна индустрија, складишта за храна и сервиси на само 300 метра од првите куќи и сметаме дека тоа не е место на кое треба да се транспортира и преработува отпад, вели Ангел Наков од здружението Спас за нас од Гевгелија.

Тој додава дека Министерството за животна средина им издало дозвола за увоз и преработка на разновиден отпад и покрај тоа што Советот на Општина Гевгелија едногласно се изјаснил против отворањето на фабрика за преработка на отпад на локацијата и што, според генералниот урбанистички план за Гевгелија, такво нешто не е предвидено.

– Од градоначалникот на Гевгелија бараме да се изјасни дали, сепак, дал дозвола да се преработува отпад и покрај јасно изразената волја на граѓаните, бидејќи нема да дозволиме да биде загрозено здравјето на граѓаните, вели Наков, кој најавува дека, доколку не се разберат со локалната самоуправа, ќе излезат на протести.

Здружението „Спас за нас“ веќе протестираше против отворањето на фабрика за преработка на отпад од страна на компанија чии сопственици се истите газди, како и на „Г&О Васте Солутион“ во 2019 година. Тие го иницираа и успешниот референдум во 2016 година против рударско-геолошките истражувања на Кожуф за подготовка на терен за рудник на злато.

„Г&О  Васте Солутион“ ги има добиено сите потребни дозволи од Министерството за животна средина и во тој процес локалната самоуправа нема ингеренции, појаснуваат од компанијата, која во моментов организира пробно производство, но, додаваат, фабриката исклучиво ќе селектира и ќе преработува пластика, а не и опасен или друг вид на отпад.

– Ќе преработуваме ПЕТ амбалажа, односно ќе селектираме пластични шишиња, ќе ги балираме, а потоа тој полупроизвод ќе се извезува, изјави Перизат Боронбаева, менаџер на фабриката, за „Слободен Печат“.

Таа се надева дека ќе се надминат недоразбирањата и дека ќе можат непречено да работат, бидејќи нема да има никакво загадување. Засега пластика нема да се увезува туку ќе се преработува само пластична амбалажа со потекло од државава.

На почетокот на февруари, градоначалникот Поцков побара преиспитување на дозволата за „Г&О  Васте Солутион“ од Министерство за животна средина бидејќи дале негативно мислење и требало да го бранат веќе донесените одлуки и мислењето на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот