Евровизија го најави распадот

Фото: Слободен печат

Не би се сложил со констатацијата дека „Изборот за песна на Евровизија“ е исклучиво политички настан, но факт е дека на ова музичко шоу Македонците така гледаат.

Грција на Кипар ќе му додели 12 поени, па макар и Кипарците да испратат претставник на Евровизија, кој потполно гол ќе рецитира список на автомобилски делови. Истото важи за Романија и Молдавија, Монако и Франција и ред други нации кои што живеат во две или повеќе држави.

Но, проблемот на македонските консументи на популарна музика е од поинаква природа, бидејќи успехот или неуспехот на претставникот најчесто е причина за поделби во националното ткиво и уште едно партиско пренемагање во низа.

Без да ги елаборирам настаните од последното „Европско првенство во пеење“, по кое граѓаните на Северна Македонија влегоа во остар вербален конфликт со жителите на ФИРОМ, ќе потсетам дека пред 27 години, Евровизија на мошне пластичен настан го најави распадот на некогашна Југославија.

За тие што не знаат, југословенскиот претставник секоја година се бираше со интерен избор, кога локалните ТВ куќи предлагаа свои кандидати, а стручните жирија од федералните единици гласаа. ТВ Скопје во периодот од 1961 до 1991 не успеа да изнедри ниту еден фаворит, кој ќе го помине федералниот избор па потоа да ја претставува заедницата на Евросонг. Тоа се некои други времиња во еден поинаков историски контекст, но и тогаш во кулоарите тивко се потшепнуваше дека причината за македонската инфериорност во југословенскиот избор за песна за Евровизија е резултат на политика. Инаку, најголем успех во националниот избор имаше ТВ Загреб, чии предлози најчесто добиваа поддршка. ТВ Титоград го продуцираше хитот „Џули“ на Даниел Поповиќ во 1983 година, со која беше освоено историското 4. место, но година дена подоцна Зорица Конџа, исто така како предлог на ТВ Загреб беше одбрана како кандидат на Југославија. Сепак, таа не отпатува во Гетеборг поради една бизарна причина. Преносот од ова шоу беше закажан на 4. мај, кога југословенските народи и народности ја оплакуваа смртта на Јосип Броз Тито, кој почина неколку години претходно. Едноставно не беше возможно на тој датум да се реализира преносот од „Изборот за песна на Евровизија“, бидејќи на телевизиската програма се емитуваше класична музика и информативна програма.

Но, доминацијата на ТВ Загреб продолжи на наредните пет избора. На Евровизија заминаа Дорис Драговиќ, Нови фосили, Сребрна крила, победничката Рива и Тајчи. Дури во предвечерјето на распадот на Југославија, ТВ Белград успеа да испрати свој кандидат. Тоа беше Драгана Шариќ, позната по своето уметничко име Беби Дол, која победи со нумерата „Бразил“. Интересно е дека изборот беше одржан токму на 4. мај таа 1992 година.

Претставниците на ТВ Загреб реагираа дека нивните колеги од Белград на сила ја протнале својата кандидатка, со што била нарушена атмосферата на фер-плеј. Следуваа соопштенија од двете страни, кои ја открија целата нетрпеливост на релација Белград – Загреб, која само неколку месеци подоцна ќе прерасне во вооружен судир. Беби Дол отпатува во Рим, кадешто освои само еден бод, а на странските новинари им беше чудно што директниот пренос за Југославија беше коментиран од две засебни кабини. Една за српскиот, а втора за хрватскиот коментатор.

Во 1992 година започна војната во Хрватска, што беше дефинитивен крај на заедничката држава. Се распадна и Југословенската радио телевизија и заедничкиот избор за песна на Евровизија. Братските народи меѓуебното ривалство во спорт и пеење го продолжија по линијата на фронтот, прикажувајќи ѕверство од невидени размери.

Жителите на Северна Македонија и ФИРОМ сè уште не пукаат едни на други, туку нивните ѕверства можат да се пронајдат на социјалните мрежи. Не би сакал да правам аналогија со настапот на Тамара, но таму за некои 27 години во иднина некој би можел да го искористи за да ја објасни поделеноста во нашето општество, во пресрет на не знам, нешто незамисливо. А граѓанската војна се чинеше како незамислива и во Југославија, кога Зорица Конџа не пееше на Евровизија бидејќи граѓаните на тој ден беа тажни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот