Европските земји воведуваат построги мерки, бројот на новозаболени незапирливо расте

Амстердам, Холандија/Фото: EPA-EFE/KOEN VAN WEEL

Поради галопирачкиот раст на бројот на заболени во Европа, земјите се соочуваат со преполнети болнички капацитети и неможност, од аспект на медицински персонал да ги опслужат сите новооткриени случаи, кои пројавуаат сериозни симптоми и имаат потреба од болничко лекување, па затоа ќе пристапат кон поригорозни мерки за да не се шири толку брзо заразата од коронавирусот.

Во Холандија, земја со 17 милиони жители бројот на новозаразени се брои со илјадници. Само во последните 24 часа, регистрирани се 7.000 позитивни случаи, а во последните недели има над 187.000 заразени. Со ваква прогресија Холандија стана трета во Европа со највисока стапка.

Поради тоа, холандската Влада вечерва ќе објави нова рунда мерки против ширењето на коронавирусот, вклучително и можно затворање на кафулињата и рестораните како и и вечерна забрана за продажба на алкохолни пијалаци, објави националната телевизија, повикувајќи се на информација од владата за можните наредни мерки.

Холандија во последните 14 дена има 364 заразени на 100.000 жители, што е трета највисока стапка во Европа.

Владата на премиерот Марк Руте не сака да воведе строги мерки кои можат да му наштетат на кревкото економско закрепнување па затоа најпрво тие ќе бидат изречени за период од две недели, како прекин на тимските спортови за лица над 18 години, употребата на јавен превоз ќе биде ограничена само на важни патувања и домашните собири ќе се ограничат на до три лица по домаќинство.

Белгија го враќа полицискиот час

Разочарувачки информации доаѓаат и од нивниот сосед Белгија, каде стапките на инфекција, хоспитализација и морталитет од Ковид-19 се во подем.

Најкритично во Брисел/ Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Бројот на новозаразени од коронавирусот помеѓу 3 и 9 октомври е зголемен за 79 отсто во споредба со претходната седмица, соопшти Институтот. Главниот град Брисел бележи највисока стапка на новозаболени, но бројките се во пораст во целата држава.

Во болница последните 24 часа се премиени 123 од заразените, за разлика од минатата недела кога беа хоспитализирани 87. Од вкупно 1472 лица хоспитализирани за Ковид-19, 267 се на интензивна нега, а регистрирани се 20 нови смртни случаи во измината недела.

Поради алармантната ситуација во белгиските провинции Валонски Брабант и Луксембург од полноќ во сила ќе биде режим на ограничено движење, со цел земјата подобро да се бори против растечката епидемија на коронавирус.

Од 1 часот по полноќ до 6 часот наутро, на граѓаните ќе им биде забрането да бидат на отворено, освен во случај на работа, итна медицинска помош или виша сила, наведоа локалните власти.

Двете покраини се наоѓаат во француски-говорниот регион Валонија, кој, покрај Брисел, е најмногу погоден од новиот бран на Ковид-19.

Од почетокот на пандемијата во Белгија, 10.211 лица починаа од коронавирус.

Италија ги ограничува собирите на граѓаните

Во Италија од денеска се воведени нови мерки за спречување на инфекцијата со коронавирус, меѓу кои се и ограничувања на приватни собири и забрана на рекреативен спорт.

Премиерот Џузепе Конте преговараше со регионалните власти за ограничување на приватните собири иако некои гувернери се противеле на тие мерки.

Сепак, забавите во затворени простори се забранети, а властите упатија на „силна препорака“ против собирање во становите и куќите на повеќе од 6 лица, освен ако не се од исто домаќинство.
Кафулињата и рестораните мора да се затворат на полноќ, а пијалок после 21 часот може да се пијат само на маса, но не и стоејќи во бар или надвор, пред него.

Ноќните клубови ќе работат до полноќ/ Милано, 10 јули 2020/ Фото: EPA-EFE/ANDREA FASANI

Забрането е занимавање со сите спортови во кои има контакт на учесниците, ако не ги организира здружение кое може да обезбеди почитување на држењето дистанца.

Владата минатата недела воведе задолжително користење маски надвор, откако дневниот број на новозаразени беше околу 5.000.

Во Италија во текот на пандемијата од коронавирусот починаа повеќе од 36.200 лица, а заразени се 360.000.

Полициски час во Париз

Француската влада денеска се состанува за да одлучи за новите мерки за спречување на ширењето на короанвирус. Се размислува за воведување на полициски час за Париз, во кој расте бројот на случаи.

Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Париските болници во меѓувреме предупредуваат дека 90 отсто од креветите на интензивна нега би можеле да бидат пополнети до 24 октомври, ако продолжи бројот на хоспитализации поради коронавирусот вака да расте.

Во Хрватска ограничување на собирите

Нови рестритктивни мерки од денеска стапуваат на сила во Хрватска во обид земјата да се справи со епидемијата од ковид-19. Маските се задолжителни во затворени простории и се ограничуваат собирите на кои се очекуваат повеќе од 50 луѓе.

Маските се задолжителни во Хрватска /Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Оваа одлука не се однесува на професионални и аматерски уметнички изведби, спортски настани, кино проекции, свадби, погреби, верски обреди и изложби. Останатите кои сакаат да организираат поголем собир, мора да добијат соодветна дозвола од својата жупанија.

Чешка ги затвора рестораните, баровите и клубовите до 3 ноември

Во Чешка од утре до 3 ноември се затвораат баровите, рестораните и клубовите, а за учениците се воведува учење на далечина.

Фото: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Чешка бележи најголем раст на бројот на заразени со Ковид-19, при што на почетокот на септември имаше 25.000 случаи, а сега се искачи на речиси 120.000 позитивни на коронавирус. Состојбата во болниците, исто така, станува потешка, бидејќи од почетокот на октомври бројот на пациенти е двојно зголемен на повеќе од 2.000.

Сите мерки ќе се спроведуваат до почетокот на ноември, а владата соопшти дека сите мерки, освен за учење на далечина, ќе бидат олабавени во согласност со епидемиолошката состојба. Училиштата сигурно ќе бидат повторно отворени на 2 ноември. Владата веќе ги заостри мерките за ресторани и ги прошири одредбите за носење маски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот