
Европските синдикалци до Владата: Престанете со притисоците до ССМ, битката за работнички права е легитимна!
Теа Јарц, секретарка на ЕКС, ја потсети македонската Влада дека битката за работничките права, во конкретниот случај за повисока минимална плата е легитимна и праведна и дека синдикалните права се еден од најважните сегменти за пристапувањето кон ЕУ
Европската конфедерација на синдикатите одблиску ги следи притисоците на кои е изложен Сојузот на синдикатите на Македонија и ја предупреди македонската Влада дека е во тесна соработка со Европската комисија, која во наредниот Извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ, детално ќе го образложи „начинот на кој се одвива социјалниот дијалог“. Теа Јарц, секретарка на ЕКС, ја потсети македонската Влада дека битката за работничките права, во конкретниот случај за повисока минимална плата е легитимна и праведна и дека синдикалните права се еден од најважните сегменти за пристапувањето кон ЕУ.
Препорачано
Европската конфедерација на синдикатите чиј полноправен член е Сојузот на синдикатите на Македонија преку механизмите кои ги има на располагање, наредниот вторник на состанок ќе информира за состојбата со социјалниот дијалог, работничките права, како и почитувањето на синдикатите во државите кандидати за влез во Европската унија на кој ќе се вклучи и претседателот на ССМ Трендафилов, а дополнително ќе бидат информирани и Европските институции состојбите и случувањата во Македонија
-Тука сме да ги поддржиме македонските синдикалци, кои се соочуваат со огромен политички притисок во нивната борба за чесно и соодветно платен работнички труд. Инфлацијата врши притисок врз граѓаните, ним им требаат достоинствени примања. Затоа ја повикуваме Владата да ги почитува синдикатите и да не ги напаѓа. Бидете сигурни дека сето ова што се случува тука ќе најде место во следниот Извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ но во негативна смисла – порача Јарц, која заедно со претставниците на Регионалниот синдикален совет СОЛИДАРНОСТ, деновиве можеше одблиску да ги чуе проблемите во социјалниот дијалог во државава.
И Душко Вуковиќ од независниот Синдикат на Србија оцени дека ако нема друго решение, ССМ ќе мора на улица да ги извади работниците во што е можно поголем број.
-Штрајкот е последното решение, но ако нема друг начин, со притисок треба да се одговори на притисоците. Владите во регионот не реагираат никако поинаку, како да се направени од ист материјал. Тие треба да сфатат дека ништо што се однесува на нас, не смее да биде усвоено без наше одобрување – додаде Вуковиќ.
Најпластичен пример за тоа каков е односот на владите во регионот кон синдикалната борба даде Фикрет Алиќ од Синдикатот на БИХ. Според него се работи за „тоталитарни режими, од кои и некои други поранешни како оној на Пиноче, можеле да научат“.
-Македонските работници со право бараат достоинствена плата, која сега е најниска во регионот. Владите од регионот решија да ги поддржат работодавачите за да може да се богатат уште повеќе врз нивниот грб. Притисоците со кои се служат се исти – не бришат од регистрите, не ни ја оспоруваат репрезентативноста, не одржуваат седници на Економско-социјалниот совет, не сакаат да преговараат. Изгледаат како да ги родила иста мајка – поентираше Алиќ.
Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, рече дека добиле сесрдна поддршка од регионалните и европските синдикати, а ако продожи политичкиот притисок и тие ќе возвратат соодветно.
-Минималната плата сега е околу 365 евра, а со евентуалното законско усогласување од април ќе биде 395 евра, што е најнизок можен износ во регионот. Синдикатите се солидаризираат со нас, а ние нема да застанеме во нашите барања – додаде Трендафилов.