Европските производители на возила загрижени поради Брегзит

фото: Профимедиа

Европските и националните здруженија, меѓу кои и Британското здружение на производители и трговци на автомобили, соопштија дека воведувањето царина за автомобили и комбиња би можело да ја чини европската и британската автомобилска индустрија 5,7 милијарди евра, во случај Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор за излез.

Тоа би значело и повисоки цени за потрошувачите доколку производителите не успеат да ги апсорбираат дополнителните трошоци.

Велика Британија би требало да ја напушти ЕУ на 31 октомври, а премиерот Борис Џонсон изјави дека тоа ќе се случи без оглед на се. Доколку дојде до Брегзит без договор за правата на граѓаните, финансискиот надоместок и прашањето за ирската граница, ќе бидат воведени царини врз основа на регулативите на Светската трговска организација.

Во случајот кај автомобилите таа царина ќе изнесува 10 проценти.

– Брегзит не е само британски проблем. Загрижени се сите во европската автомобилска индустрија, и пошироко. Без разлика дали како извозници на британскиот пазар или како локални производители, а ние сме двајца, неизбежно ќе ги почувствуваме негативните последици – изјави претседателот на Комитетот за француски производители на автомобили, Кристијан Пежо.

Авто-индустријата, вклучително и добавувачите на делови, претставува успешна европска приказна, произведува нешто повеќе од 19 милиони возила годишно и вработува скоро 14 милиони луѓе.

Иако Велика Британија е голем увозник на европски автомобили, британската автомобилска индустрија стабилно расте во последните децении. Светските производители, како што се јапонските компании „Хонда“ и „Нисан“, ја користеа Велика Британија како база за продажба на своите автомобили низ ЕУ.

Клучот за успехот на индустријата во последните години беше можноста компаниите да работат без проблем и да продаваат низ единствениот пазар.

Доколку дојде до Брегзит без договор, компаниите веќе нема да можат да работат на единствениот пазар на начин на кој се навикнаа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот