Европскиот уметник Артур Жмијевски е претставен во МСУ

Изложбата со наслов „Демократии / Реализам“ на познатиот полски уметник Артур Жмијевски, еден од најзначајните европски уметници од неговата генерација, од 1 декември е поставена во Музејот на современата уметност во Скопје.

Изложбата ја организира МСУ – Скопје во соработка со уметникот и галеријата и фондација „Фоксал“ од Варшава. Проектот е поддржан од Министерството за култура, а изложбата ќе може да се посети до 30 март 2022 година.

На изложбата се претставени две видеоинсталации, кои се составени од селекција на филмови од неговите капитални дела, инсталациите „Демократии“ (2009-2012) и „Реализам“ (2017). Овие два значајни циклуси, иако се создавани независно еден од друг, во просторот на МСУ се ставени во специфична директна релација. Силниот контраст помеѓу двата циклуса на интересен начин открива една чудна комплементарност и длабока поврзаност на нивната содржина.

Еден од главните фокуси во истражувањето на Жмијевски е врската помеѓу уметничките практики и реалноста, особено политичката реалност во која што се наоѓа некое одредено општество.

Ова е прва самостојна изложба на Жмијевски во Скопје, иако неговото претставување следува по учеството во рамки на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“, која беше отворена во декември 2019 година во МСУ-Скопје, каде што во друштво на најзначајните светски уметници, тој се претстави со своето видеодело „На отворено“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 108, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот