Европскиот парламент го усвои годишниот извештај за Србија со првпат формулација за „заемно признавање” со Косово

Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Пратениците во Европскиот парламент го усвоија овогодинешниот Извештај за Србија, во кој се изразува поддршка за идното членство на Србија во ЕУ, но со барање, покрај владеењето на правото и нормализацијата на односите со Приштина, усогласувањето со санкциите против Русија да биде клучен елемент кој ќе го одреди севкупниот напредок на Србија на патот кон пристапувањето во ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.

Со резолуцијата усвоена денеска, Европскиот парламент за првпат ги повикува Србија и Косово да постигнат договор за нормализација на односите „врз основа на заемно признавање”.

Во текстот на извештајот, со амандмани е додадено дека се очекува Србија и Косово да потпишат правно обврзувачки договор за нормализација на односите „врз основа на заемно признавање”, што е првпат меѓусебното признавање да се спомене во официјален документ на институциите на ЕУ како неопходно решение за дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Во резолуцијата се изразува длабоко жалење што Србија не се приклучи на санкциите воведени од ЕУ кон Русија поради инвазијата на Украина и се повикуваат новоизбраните власти во Белград итно да се ускладат кон надворешнополитичките одлуки на ЕУ, вклучително и воведувањето санкции против Русија.

Европскиот парламент ја повикува Србија да ги преиспита односите со Русија на полето на одбранбената политика и да ги прекине формите на воена соработка со Русија, се наведува во резолуцијата.

На прес-конференцијата по усвоениот извештај, Владимир Билчик кој го поднесе овој извештајот за Србија, рече дека таа мора да продолжи со реформите и посочи дека сега треба што поскоро да се формира влада.

„Важно е да се споменат и позитивни работи. Србија го отвори кластерот четири, а сега мора да се направи повеќе за да се отворат натамошни кластери. Сакам да нагласам дека промената на Уставот е важен чекор, а исто така задоволен сум што ЕП одигра голема улога во двете фази од меѓупартискиот дијалог и ја охрабри работата на политичките институции во Србија. Тој процес беше позитивен и Србија сега има парламент во кој има неколку различни партии“, рече Билчик во своето обрашање.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот