Европски проект: „Д Фестивал“ влезе во акцелератор

Најголемиот домашен летен музички фестивал на отворено „Д Фестивал“ стана дел од големиот европски проект „SMA!“ (акцелератор за мали музички фестивали) чија цел, меѓу другото, е да поттикне создавање одржливи инфраструктури во областа на креативните индустрии во периферните европски држави, поддржувајќи го економскиот и социјалниот раст на локалните и регионалните заедници.

– Речиси една година по почетокот на пандемијата, музичката индустрија сè уште е „во мирување“. Во моментов, кога големите настани предвидени за 2021-ва се во неизвесна ситуација, клучните активности за помалите фестивали се соработка и планирање на заеднички активности. Токму во овие рамки „SMA!“ ја започнува својата оперативна фаза – истакнуваат од „Пасворд продукција“, организатор на „Д Фестивал“.

Како акцелератор за поддршка на мали мултимедијални фестивали, целта на проектот во наредните три години е да создаде одржлив модел за меѓународен развој. Преку стратегии за диверзификација и подобрување на управувањето и односите на засегнатите страни, ќе се постигне поголема конкурентност и привлечност во рамките на организациите за музички и културни настани. Преку реализација на предвидените проектни активности ќе се воспостави, меѓу другото, имплементација на стратегија за развој и зајакнување на идентитетот на секој поединечен фестивал, како и професионални обуки за организаторите. Покрај тоа, охрабрена и овозможена ќе биде и мобилноста на организаторите, со цел стекнување искуство и учење како другите фестивали се справуваат со своите секојдневни предизвици.

Проектот, исто така, има за цел подобрување на економијата на партнерските настани, преку воспоставување на активности што ќе го зголемат културниот туризам во овие области, а особено внимание ќе се посвети и на еколошката самоодржливост на настаните. Покрај „Пасворд продукција“ со „Д Фестивал“, во проектот се вклучени и претставници од Италија, Германија, Естонија и Шпанија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 68, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот