Европски парламент: Усвоена резолуцијата за почнување на пристапни преговори со Албанија и Македонија

Европски парламент/ Фото: МИА

Европскиот парламент со 412 гласови „за“, 136 против и 30 воздржани, ја усвои Резолуција во корист на започнување на пристапните преговори со Албанија и Македонија.

„Политиката за проширување на ЕУ е најефективниот инструмент за надворешна политика на Унијата, а понатамошното распаѓање на таа политика може да доведе до сè понестабилна состојба во непосредното соседство на ЕУ“, предупредува резолуцијата.

Резолуцијата донесена од страна на Европскиот парламент изразува разочарување од неуспехот на ЕУ да ги отвори пристапните преговори за Албанија и Македонија поради блокадата на Франција, Холандија и Данска, иако, според проценката на Европскиот парламент, двете земји ги исполниле условите за нов чекор на патот кон евроинтеграциите.

Се нагласува дека ваквата одлука од последниот самит е стратешка грешка, штетна за кредибилитетот на ЕУ и испраќа негативен сигнал до земјите кандидати во врска со добрососедските односи, како и дека отвора врата за други влијанија во регионот.

„Интеграцијата на земјите кои ги исполнуваат условите помага ЕУ да ја одржи својата меѓународна улога и да ги заштити своите интереси, а напредокот на патот кон ЕУ, исто така, има трансформативен ефект врз самите земји кандидатки“, стои во текстот на усвоената Резолуција.

Европскиот парламент жали што одлуката на Европскиот совет да не ги започне преговорите за пристапување со Скопје и Тирана ги поткопува напорите што ги вложил парламентот во процесот на проширување и Стратегијата за Западен Балкан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот