Европски парламент: Лукашенко не е претседател на Белорусија

Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Европскиот Парламент денеска усвои резолуција за Белорусија, во која се наведува дека таканаречениот опозициски Координативен совет е „привремен претставник на народот” во таа земја.

Резолуциите на ЕП не се обврзувачки, но имаат сила на препорака. Тие сметаат дека Лукашенко нема мандат да потпишува никакви договори, вклучително и со Русија. 

Како што се наведува во документот, ЕП „го поздравува Координативниот совет како привремен претставник на народот кој бара демократски промени во Белорусија”.

-Нагласуваме дека Европскиот парламент, во согласност со ставот на Европскиот совет, ги отфрла резултатите од таканаречените претседателски избори во Белорусија што се одржаа на 9 август, со оглед на тоа што тие се одржаа во недопуштена повреда на сите меѓународно признати норми и не го признава Александар Лукашенко за претседател на Белорусија стои во документот.

Во тој поглед, како што се додава, се повторува повикот на „белорускиот народ за организирање нови, слободни и фер избори што е можно поскоро, под меѓународен надзор”, предводени од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права во согласност со меѓународно признати стандарди.

Резолуцијата предвидува воведување санкции против Лукашенко и голем број белоруски граѓани, пишува порталот Нова.рс.

Со Резолуцијата се повикуваат Европската комисија, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и Европскиот совет да обезбедат помош на „белоруската демократска опозиција, вклучувајќи го и Координативниот совет предводен од Светлана Тихановскаја”.

Масовните протести на опозицијата во Белорусија започнаа на 9 август, по претседателските избори, на кои Александар Лукашенко прогласи победа со 80,1 процент од гласовите.

Опозицијата не ги призна резултатите од изборите и смета дека победи Тихановскаја, која официјално освои 10,12 проценти од гласовите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот