Европската унија во дилема: „Корона пасоши“ – да или не?

Фото: EPA-EFE/Ida Marie Odgaard DENMARK OUT

Лидерите на Европската Унија на вонредниот состанок на Европскиот совет на 21 јануари ќе разговараат и за воведување на таканаречени „корона пасоши“.

„Важно е да се согледа кои би биле потенцијалните права на луѓето кои би ги имале тие пасоши, но и правата на оние без таквите пасоши. Станува збор за многу чувствителна дебата која мора да се одржи меѓу лидерите на ЕУ за време на видео конференцијата во четврток“, вели портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамар.

Дебатата за корона пасошите ќе се најде на дневен ред на состанокот на лидерите на ЕУ, кој во целост ќе биде посветен на одговорот на пандемијата, на барањето на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис кој побара воведување на „сертификати за вакцинација“ за да би можеле вакцинираните слободно да патуваат.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел вели дека „не ја исклучува“ можноста од воведување на такви сертификати, а дека на таа тема веќе имал неформални разговори со лидери на ЕУ.

Тој напоменува дека би морало да се воспостави европско единство за тоа дали воопшто ќе се воведува таков документ, но и кога.

„Повеќе луѓе би морале да бидат вакцинирани пред да стане применливо. Ако би се применил прерано, тоа би предизвикало голема фрустрација во Европа“, порача Мишел гостувајќи на холандска телевизија во неделата.

Во ЕУ оценуваат дека станува збор за „многу чувствителна тема“ која мора да се согледа и од правен аспект.

„Оваа тема е чувствителна во многу европски земји, бидејќи некои од нив ќе имаат мислење дека со таква потврда сме одлучиле дека вакцинацијата е задолжителна, а во многу земји сметаат дека е подобро ако вакцинацијата остане доброволна. Мораме да пробаме што повеќе да изградиме европско единство и за вакви тешки прашања“, вели Мишел.

Видео конференцијата на лидерите на ЕУ е закажана за четврток во 18 часот. Од Брисел напоменуваат дека не се очекува носење на одлука за „корона пасошите“, туку само политичка дебата.

Извор: Блиц.рс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот