Европската комисија го објави извештајот за Северна Македонија: Земја умерено подготвена, неумерено блокирана за ЕУ

Фото: Влада на РСМ

Европската комисија во својот извештај за Северна Македонија, кој се објави вчера попладне, го поздравува зајакнувањето на демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата, но осврнувајќи се на последните локални избори, оценува дека напредокот е ограничен во делот на спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венециската комисија.

МИА дојде до извештајот неколку часови пред тој да биде официјално презентиран во Европскиот парламент од комесарот за проширување Оливер Вархељи. Според содржината, заклучоците во политичкиот дел се генерално позитивни. Се бара изборното законодавство и усвојувањето на релевантните закони да бидат финализирани навремено и на инклузивен начин.

Европската комисија го поздравува ангажманот на опозициските партии во работата на Собранието, но забележува дека поларизацијата е длабока.

Политичките тензии помеѓу партиите, сепак, не доведоа до бојкот како во минатото, парламентарната работа, освен од политичката поларизација, била попречена и од ковид-19.

„Потребни се напори за зајакнување на улогата на Собранието како форум за конструктивен политички дијалог, посебно во делот на реформската агенда за ЕУ“, истакнува извештајот годинава.

Собранието, сепак, продолжи да ја игра улогата на надзор врз извршната власт. Уште еднаш се посочува на забрзаните процедури на усвојување закони и се повторува дека тие мора да останат ограничени за да не се загрози демократскиот надзор.

„Власта треба да продолжи со реформскиот момент и да се фокусира на спроведување на постојната законска рамка наместо да започнува спорадични нови иницијативи. Навремена и суштинска имплементација на реформската агенда бара постојана поддршка од општеството во целост“ – се вели во извештајот. Европската комисија продолжува да бара одговорност за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017, вклучително и преку првостепени судски одлуки.

Што се однесува до јавната администрација, Европската комисија констатира „мал напредок“ во финализирањето на хоризонталната функционална ревизија на државната администрација, која е важно да биде усвоена од власта.

„Препораките за нова организација на државните административни тела со подобрени линии за отчетност треба да го потхранат релевантното законодавство кое треба да биде донесено и спроведено“ – вели ЕК.

Судскиот систем е „умерено подготвен“ за членство на земјата во ЕУ.

„Мал напредок“ е постигнат во однос на спроведувањето на стратегијата за судска реформа, со што дополнително се одговара на препораките на Венециската комисија и на Експертската група за владеење на правото. Напори сѐ уште се потребни за да се обезбеди систематско спроведување на обновениот акциски план за стратегијата за судски реформи и стратегијата за човечки ресурси за судството и обвинителството“ – оценува Европската комисија.

„Умерена подготвеност“ Северна Македонија покажува и во борбата против корупцијата, таа го зацврстува процесот на гонење криминал и корупција вклучително и високопрофилни случаи.

Главно, законската рамка за човекови права е во согласност со стандардите на ЕУ, вклучително и во делот на насилството против жените, но се забележува дека земјата треба да го зајакне спроведувањето на законите против говор на омраза.

„Надворешниот граѓански надзорен механизам врз полицијата не е целосно функционален и отсуството на вистински независни истражители ги попречува напорите за справување со неказнивоста на полицијата и ефективното гонење.“

Се бара земјата да ги подобри и условите во затворите и да ги зајакне алтернативите за затворски казни.

Напредокот во делот на слободата на изразување е ограничен.

„Општиот контекст за медиумски слободи е поволен и дозволува критичко медиумско известување, иако имаше зголемени тензии за време на кризата со ковид-19. Напорите за саморегулација треба да продолжат и да донесат конкретни резултати за напредок на професионалните стандарди во новинарството“, смета Комисијата.

Се бара поголема транспарентност во рекламирањето од страна на државни институции и политички партии и реформа на МРТВ за да се обезбеди финансиска независност за јавниот сервис. Напредокот во МРТВ е попречен поради назначување членови во релевантните тела.

„Кризата со ковид-19 имаше силни последици врз медиумскиот сектор, посебно за регионалните и за локалните чинители. Медиумските куќи беа вклучени во пакетот за помош, но работничките права на новинарите треба да се решат“, бара ЕК.

ЕК предупредува од штетноста на бугарската блокада

Одложувањата на официјалниот почеток на преговорите за членство имаат негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ – предупредува Европската комисија и нагласува дека билатералните прашања помеѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени.

„Комисијата со нетрпение ја очекува и ја истакнува важноста од постојано спроведување на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од сите страни. Во согласност со заклучоците на Советот, Комисијата ја продолжува потребната подготвителна работа и очекува првата Меѓувладина конференција да се одржи што поскоро штом се усвои преговарачката рамка од Советот и пред крајот на оваа година“, пишува Европската комисија во извештајот.

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи претпладнето за „Утрински брифинг“ изјави дека очекува позитивен извештај, кој, меѓу другото, треба да ги констатира напорите што Северна Македонија ги вложува за подобрување на односите со Софија.

– Одиме низ опасен терен, а знаеме дека без европскиот кредибилитет, овој регион може да завлезе во опасни води. Непредвидливоста на Бугарија ни предизвикува проблем. Поради неизвесноста дали таму ќе има политичка влада, сега има мал застој во разговорите, но за неколку денови ќе има средби на нивно на комисии и меѓу двете МНР – изјави Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот