Европска комисија: Постигнат е одреден прогрес во економијата, но има уште работа

ЕК има забелешки за спроведување на државните антикризни мерки, фискалното управување, сивата економија, слободата во движење на работната сила

Северна Македонија постигна одреден напредок и е на добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија, константира Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјата. Нејзините оценки за одделни економски поглавија се главно умерени – умерено сме одговориле на минатогодишните забелешки, умерено сме подготвени да се справиме со конкуренцијата на пазрот на ЕУ, умерено сме подготвени да одговирме на европските барања во однос на образованието, индустриската, економската политика…

Но, Европската комисија има и позначајни забелешки, како во однос на спроведувањето на државните антикризни мерки, финансиската транспарентност, слободтата на движење на работната сила…

– Тешко погодена од пандемијата, економијата падна во рецесија во 2020 година. Постепено закрепнување започна од пролетта 2021 година. Владата спроведе силен фискален одговор за да го ублажи влијанието на кризата врз домаќинствата и фирмите. Фискалниот дефицит се зголеми на 8,2 % од БДП во 2020 година, додека нивото на јавниот долг нагло се зголеми на 60,2 % од БДП, бидејќи требаше да се покријат дополнителните финансиски потреби (…) Капиталните расходи беа намалени при ревизија на буџетот за да се создаде простор за трансфери поврзани со кризи, но сепак тие во голема мера не беа доволно извршени, пишува во Извештајот.

Европската комисија потенцира и дека новиот закон за буџет, кој се очекува значително да го подобри фискалното управување, допрва треба да биде усвоен од Парламентот, а неговото спроведување е одложено. Забелешки има и за сивата економија.

– Деловното опкружување продолжи да биде попречено од големата големина на неформалната економија, пишува во Извештајот.

Во однос на минатогодишните препораки, ЕК констатира: “Северна Македонија постигна одреден напредок во однос на адресираните препораките од минатата година и е умерено подготвена да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во Унијата“. ЕК забележува дека трговската и инвестициската поврзаност со ЕУ останале и за време на пандемијата и дека тамошните случувања имале влијанија кај нас. Но оттаму забелеажаа и дека „влошувањето на продуктивноста на трудот и конкурентноста на цените во 2020 година во голем степен го одразува економското влијание на пандемијата и владините мерки за задржување на работните места“.

Во однос на способноста на земјата да преземе обврски за членство во ЕУ во делот што се однесува на слобода на движење на стоки, услуги, капитал, интелектуална сопственост и политика на конкурентност, стигнаа критики. Оценето е дека земјата е умерено подготвена на повеќе полиња, дека има добар закон за компаниите, но се уште е во рана фаза во однос на слободата на движење на работната сила.

– Во извештајниот период, Северна Македонија постигна ограничен или никаков напредок во сите области, освен во однос на слободното движење на капиталот и во однос на регулативата за компаниите и интелектуалната сопственост, каде што постигна одреден напредок. Генерално, потребен е поголем напредок во наредната година во областите опфатени со овој кластер, бидејќи е релевантен за подготовките на Северна Македонија да ги исполнат барањата на внатрешниот пазар на ЕУ и за развојот на Заедничкиот регионален пазар, потенцира Европската комисија.

Оценка за умерена подготвеност, Северна Македонија доби и за областите опфатени со кластерот 3: конкурентност и инклузивен раст, вклучително и во информатичкото општество и медиумите, оданочувањето, претпријатијата и индустриската политика, образованието и културата и економската и монетарната политика.

– Сепак, потребни се дополнителни напори за да се донесат овие области до повисок степен на подготвеност. Има добро ниво на подготовка во областите на науката и истражувањето и царинската унија. Постигнат е одреден напредок во повеќето од овие области. Потребни се повеќе напори, особено во областите каде што е постигнат ограничен напредок, како што се информатичкото општество и медиумите, науката и истражувањето, како и образованието и културата, пишува во Извештајот.

Северна Македонија е пофалена дека активно учествува на состаноците на Транспортната заедница и Енергетската заедница. Има високо ниво на усогласеност со Договорот за енергетска заедница, особено за електрична енергија.

– Како и целиот Западен Балкан, Северна Македонија ја поддржа Зелената агенда за Западен Балкан на Самитот во Софија во декември 2020 година. Оваа година, беше постигнат одреден напредок во енергетскиот сектор, особено со напредокот постигнат кон усвојување на Националниот план за енергија и клима, Меѓутоа, постигнат е ограничен напредок во транспортот, животната средина и климатските промени, константира Европската комисија.

Добра оценка Северна Македонија доби за земјоделство, безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарната политика.

– Во текот на периодот на известување, постигнат е добар напредок во безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика и одреден напредок е постигнат во земјоделството и руралниот развој. Меѓутоа, потребни се дополнителни напори, особено во областите каде што е постигнат ограничен или нема напредок, како што се рибарството, регионалната политика и координацијата на структурните инструменти, како и финансиските и буџетските одредби, пишува во Извештајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот