Европратениците побараа Бугарија да ја тргне блокадата

Европски парламент /Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Бугарија вчера доби осуда за блокадата, а Македонија силна поддршка за евроинтеграцијата од пратениците во Европскиот парламент, каде што доцна попладнето се очекуваше да биде усвоен годишниот извештај за напредокот на земјата што го подготви известувачот, европратеникот Илхан Ќучук од Бугарија.

Европратениците побараа Македонија што побрзо да ги почне заслужените преговори за членство, а иста порака со верба дека може да се случи до 1 јули изрази и еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ. На сесијата на која се разгледуваше напредокот кон ЕУ на земјите од Западен Балкан, против Македонија зборуваа само бугарските пратеници од десницата.

Блокадата е погрешен чекор

Европратеничката Тинеке Стрике од групата на зелените рече дека Македонија направи длабоки и болни реформи за да стигне каде што е и Бугарија не смее да биде пречка.

– Останува да се направат напори во многу области какви што се правата на жените, на малцинствата, корупцијата и владеењето на правото. Земјата покажа волја за соработка со соседите. Испраќањето на специјален претставник во Бугарија е знак на добра волја, но за решение е потребна соработка од двете страни. Ова не смее да биде пречка за да се исполни ветувањето за почеток на процесот, граѓаните на Северна Македонија чекаа доволно долго, да го докажеме нашиот кредибилитет – рече Стрике од говорницата.

Пратеничката Андреа Шидер од редовите на социјалдемократите, исто така нагласи дека Македонија заслужува поддршка од целата ЕУ.

– Ми се чини дека блокадата од бугарската влада е погрешен чекор. Иднината не смее да се држи во заложништво во дебатите за минатото – рече Шидер.

Најостар тон кон Бугарија изрази Словенката Тања Фајон, која порача дека ветото е неодговорен чин и треба да биде повлечено веднаш. Фајон и другите социјалдемократи, како и пратениците од редовите на зелените, завчера приложија амандман кон извештајот за Македонија, со кој го осудија провоцирачките изјави на бугарските политичари, а ја пофалија воздржаноста на македонските, што предизвика силна реакција во Бугарија.

Бугарскиот пратеник од групата на социјалдемократите Петар Витанов рече дека ја поддржува С Македонија, но земјата треба да ги почитува добрососедските односи.

– Не сакам да се конфронтирам со колегите од мојата политичка група, меѓутоа можам да зборувам само како Бугарин. Конфронтацијата ја храни екстремната десница во Бугарија, што ја користи ситуацијата во предизборни цели. Во дијалогот помеѓу Северна Македонија и Бугарија потребен ни е динамизам, а не динамит – рече Витанов.

Бугарските европратеници што доаѓаат од десничарските партии и од владејачката ГЕРБ, Ангел Џамбаски, Александар Јорданов и Андреј Ковачев, агресивно ја нападнаа Македонија, притоа споредувајќи ја со Северна Кореја.

– Бугарската заедница во Македонија беше мнозинство пред комунизмот – рече Ковачев.

Според Јорданов, пак, во Македонија имало геноцид врз Бугарите.

Вархељ: Преговорите може да почнат и пред јули

Еврокомесарот Вархељ порача дека сѐ уште е можно да се одржи првата меѓувладина конференција под сегашното португалско претседателство на ЕУ пред први јули.

– Потребен е конструктивен дијалог со Бугарија. Добрососедските односи се суштински дел од напредокот кон ЕУ, билатералните договори, Преспанскиот со Грција и Договорот со Бугарија треба и натаму да се имплементираат во доверба од сите страни. Ги охрабрувам Скопје и Софија да ги удвојат напорите за да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните прашања, ги охрабрувам сите страни да се однесуваат конструктивно и да се воздржат од изјави и акции што ги поткопуваат пошироките интереси на ЕУ – порача Вархељ.

Според неговата оцена, Македонија сѐ уште има многу работа со реформите што треба да се спроведат.

– Одлуката на земјите членки на ЕУ да отворат преговори со С Македонија беше историска и со нетрпение очекуваме да се усвои преговарачката рамка и да се свика првата меѓувладина конференција, се надевам уште за време на ова претседателство – рече тој и ги повика европратениците да дадат поддршка за процесот на проширување за целиот регион и да го исполнат ветувањето кон Западен Балкан.

Пред седницата тој го пофали Извештајот за напредокот на известувачот Ќучук и оцени дека тој се совпаѓа со наодите на Европската комисија.

Ќучук пред почетокот на дебатата порача дека е важно С Македонија и Бугарија да продолжат со конструктивен дијалог и да постигнат компромис за Акцискиот план, кој редовно ќе се проценува врз основа на Договорот за пријателство и на овој начин „ќе може да се рестартира европскиот процес за Северна Македонија и ќе ѝ се овозможи на ЕУ да ја свика првата меѓувладина конференција“.

– Дополнителни одложувања ќе ја загрозат објективноста на процесот на зачленување, треба да се фокусираме на големата слика, потребно ни е да градиме мостови за обединување наместо ѕидови што разделуваат – изјави Ќучук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот