Европо, правда!

Жарко Јорданоски / Фото: Слободен печат

Зошто токму сега Бугарската академија на науките излезе со оваа отровна одлука според која македонски јазик не постои, односно тоа е само дијалект на бугарскиот? Колку што нам ни е познато, тоа е една константа во бугарската политика откако знаеме за себе и за нив. Затоа и со години се влечеше т.н. јазичен спор, па беше потпишан договор за негово решавање со формулацијата „македонски, според уставот на (тогаш) Република Македонија“. Што ново кажува оваа одлука на БАН освен што дополнително ја подгрева нервозата меѓу двете земји, и онака голема поради тешкотиите со кои се соочува Мешовитата комисија од историчари, кои не можат да најдат заеднички јазик ни за поблиското ни за подалечното минато? Ништо, само тоа, и само уште повеќе од истото. Па, чуму тогаш?

Одговорот треба да се бара во политичкиот момент во кој се наоѓа Македонија, а можеби и целата ЕУ. Во некои закоравени кругови во Бугарија веројатно чувствуваат дека македонската приказна, криво-лево, несомнено ќе се влее во заедничката европска приказна. Од друга страна, влезот во НАТО е сосема извесна работа, а сигнали има дека и одлуката за датум за преговори не е далеку.

Без оглед што официјална Софија го поддржува евроатланскиот пат за Македонија, во истите кругови, мошне влијателни врз јавното мислење, постои проценка дека тоа на подолг рок ќе значи пораз на нејзината негаторска и асимилаторска доктрина кон Македонија. Овие сили во Бугарија, закопани во деветнаесеттовековни концепти за нациите и народите, кои традиционално на овие простори гравитираат во т.н. академии, (како САНУ, ХАЗУ, МАНУ и слично) чувствуваат дека го губат тлото под нозете.

Во перспектива, македонскиот јазик, со ѕвездички или без, по сила на нештата, сѐ повеќе ќе влегува во практична примена во европските институции и ќе ја продолжи својата афирмација и етаблирање на меѓународен план. Европскиот третман на јазиците е афирмативен и отворен, дури и заштитнички кон малите јазици, а лингвистичката наука нема никакви дилеми дали македонскиот јазик е посебен или е дијалект. Според научните стандарди, морфолошки, синтаксички и други, македонскиот има третман на посебен јазик, па како таков се изучува на светски катедри. Нема дилеми и за неговото име, без оглед на грчките реакции дека внесува забуна во однос на јазикот на античките Македонци.

Светски стандард е јазиците да се именуваат онака како што ги нарекуваат нивните говорители, па така, ако Црногорците го нарекуваат својот јазик „црногорски“, или бошњаците „бошњачки“, тие јазици така и ќе се именуваат, без оглед на тоа што мисли на таа тема, да речеме Србија. Американците, ако сакаат, можат да го нарекуваат својот јазик во „американски“, но нивно право е и да го нарекуваат „англиски“. Секогаш како меродавна се зема името што го користат тие што го користат одредениот јазик.

Бугарија не може против тој меѓународен стандард, колку и да инсистира, како што ни Грција не можеше да се избори против универзалното право на самоопределување, така што мораше да прифати дека ние сме Македонци. Бугарските академици го знаат тоа и оттаму таа нервоза. Македонија, и како држава, и како научна јавност, треба ладнокрвно и смирено да одговори на овие провокации, дека нашиот јазик е македонски и е посебен, ако вие го сметате и нарекувате поинаку, вие одите против лингвистичката наука, против меѓународната и европската практика, и против политиката на добрососедство. Тоа истото македонските претставници треба отворено да им го предочат и на европските функционери во Брисел и да ги потсетат дека договорот за добрососедство е двонасочен документ кој треба да се почитува од двете страни.

Што е уште поважно, Македонија треба јасно и гласно да реагира и на изјавите на премиерот на Бугарија Бојко Борисов, како и на други бугарски политичари и историчари кои жестоко се спротиставуваат на користењето на зборот „окупатор“ во македонските учебници и споменици, кога се зборува за присуството на бугарски воени и цивилни власти на македонска територија во текот на Втората светска војна.

Настрана тоа што Бугарија не покажува зрелост да се соочи со своето мрачно минато (како што тоа го прави, на пример, токму деновиве Ангела Меркел со посетата на Аушвиц), но ваквите реакции укажуваат на нешто уште посериозно. Негирањето на зборот „окупатор“ имплицира дека Бугарија го сметала, а и уште го смета, за легитимно своето запоседнување на територијата на тогашна „Вардарска Бановина“ во рамките на Кралството Југославија. Како враќање на „свои“ територии, нешто на што смета дека има „историско право“. А бидејќи и во денешен контекст одбива таквиот акт од Втората светска војна да бидат опишани како „окупација“, значи дека сѐ уште ги има истите уверувања за легитимноста на таквиот чекор. А тоа не е ништо друго освен иредентизам или пројавување територијални претензии кон соседна држава. Тоа е тешко кршење на принципите на меѓународното право, на вредностите на кои почива Европската Унија, и е во спротивност со потпишаниот договор за добрососедство.

Македонија ова треба јасно да им го предочи на европските комесари, особено затоа што и самата Европа во моментов поминува низ процес на сопствено преиспитување, и во потрага по својата идна улога во светот. Сѐ погласни се анализите дека ЕУ или ќе направи нешто од себе, или ќе станува сѐ побезначајна на светската сцена. И политички и економски. Токму затоа се оправдани овие турбуленции што ги предизвикува францускиот претседател Емануел Макрон, со наметнување на темите за зајакнување на Унијата, со менување на начинот на одлучување, преговарање за проширување и слично. Европската Унија нема да постигне ништо ако со помош на тие реформи не прерасне во еден вид „Виша сила“, една етичка, па и правна вертикала, еден арбитар за тоа што е правилно, а што е неправилно и неприфатливо во односите меѓу земјите членки. ЕУ нема иднина ако се задоволи со статусот на политичка џунгла, во која владее само законот на посилниот. Унијата мора да прерасне во политички идеал, а од идеалот ништо не може да биде посилно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот