Европејците трошат помалку, а штедат повеќе за време на пандемијата

Зелен пазар, Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Реалната потрошувачка на домаќинства по глава на жител во првиот квартал од 2020 година во земјите од еврозоната опадна за три проценти, а во целата Европска унија за 2,9 проценти, објави Евростат.

Се наведува дека тоа е периодот кога во сила беа широки мерки за заштита од ширење на Ковид-19 и дека ова е најголем пад на потрошувачката на домаќинствата во ЕУ од 1999 година и почетокот на мерењето на таквата статистика.

Евростат наведува дека во истиот период имало зголемување на бруто расположливиот приход кај домаќинствата во еврозоната за 0,9 проценти, а на ниво на ЕУ за 1,2 проценти.

Објаснето е дека врз зголемувањето на приходите позитивно влијаело намалувањето на тековните даноци и нето социјалните давачки, но и зголемувањето на социјалната помош на државите.

Во првиот квартал на 2020 година, стапката на заштеда на домаќинствата во еврозоната и ЕУ се зголемила за 4,3 проценти во однос на четвртиот квартал од 2019 година.

Највисоки зголемувања се забележани во Белгија, Данска и Холандија, а најмали во Полска, Шведска и Чешка.

За сите држави членки, освен две, зголемувањето на стапката на заштеда е објаснето со силно намалување на индивидуалните трошоци.

Падот на индивидуалната потрошувачка во домаќинствата е најизразен во Италија, Шпанија и Белгија, а потоа следува и Франција.

Во исто време, бруто расположливиот приход варирал, зголемувајќи се во Полска, Данска, Чешка, Ирска, Холандија и Финска, а се намалил во Шпанија, Италија, Португалија, Германија и Австрија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот