Европејците се фини луѓе, но Европа е опасно ѕвериште

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Зарем не може да биде опција да останеме и понатаму како проевропска земја кандидат, а на Европа да ѝ ја кажеме вистината за ужасниот преседан што го прави со регресивната и уценувачка, дури фашизоидна рамка за преговори?

Насловот го украдов од латинска изрека што се однесува на римскиот сенат (Сенаторите се добри луѓе, но Сенатот е опасен ѕвер), која ја опишува суштинската разлика помеѓу изјавите и чувствата на луѓето, и безмилосното функционирање на институциите на кои им припаѓаат. Разлика поради која врз одлучувањето на Европската Унија не влијаат ниту логиката, ниту правото, ниту добрите обичаи, ниту примерите, а ниту пак преседаните, туку само и единствено империјалниот интерес. Затоа и со империјална грациозност и бездушност ни стави на маса рамка за преговори од која смрдат тоталитаризмот, фашизмот и расипаниот здив на дневниот военополитички интерес.

Реи што никако не ѝ прилегаат на Европа за која сонувавме кога станавме земја кандидатка, реи смртни што се ширеа пред осумдесет години кога мрачниот континент ги убиваше своите жители на милиони.

Злосторите на ВМРО-ДПМНЕ

Во врска со ова, од највисоката гранка на медиумската крошна првото перо на нашето новинарство искажа чудење како сум можел невнимателно да упаднам во антиевропскиот табор, составен од талогот на вмровските и другите ништожници, против кои толку посветено и принципиелно сум се борел со децении. Понатаму Тричко вели дека без Европа Македонија нема да излезе од зоната на бугарските интереси и влијанија, туку обратно, ќе влезе многу подлабоко. Дека бугарското влијание ќе биде многу посилно ако се откажеме од Европската Унија, отколку ако смениме некои глупости во учебниците што и вака и така никој не ги чита. Дека откажувањето од Европа, всушност, ќе било вистинскиот диктат на Софија. И дека прекинот на евроинтеграциите ќе ја фашизира Македонија и ќе ја донесе вмровската орда на власт што ќе биде смртоносно за земјава.
Со ретка смисла за хумор, Тричко додава и дека „со мала доза на претерување, (…) помалку лошо е Заводот за печатење на учебници од Софија да ни ги печати учебниците, отколку ВМРО-ДПМНЕ да ни биде на власт“. Хахахаха, добро речено. Како заклучок следува дека ние Македонците треба да прифатиме едно ново саморазбирање, во кое треба да го бараме излезот од драмата, и во кое ќе бидеме поопуштени и поеластични, па и поотворени, што е постапка која е кадра да нè вдахнови со нова животност, која ќе ни отвори сосем нови терени и перспективи. И, на крај, дека сме морале конечно да ги напуштиме рововите на еднодимензионалното македонство, во кое Македонија се сфаќа како фарма за Македонци.

Мора да признам дека безмалку сè е така како што вели Тричко, освен некои претпоставки за кои не можам да најдам основа во фактите и во искуството, кои, чинам, можат да се вистинити само во областа на оптимизмот втемелен во непоматената проевропска религија. Дека преговорите со Европа виа Софија не можат да им наштетат на нашиот идентитет, историјата и јазикот, ниту колку стоти дел од штетата што ВМРО-ДПМНЕ веќе ја има сторено врз македонскиот културен и државен проект, тоа не е за дискусија.

Ова злосторничко здружување веќе го изобличи македонскиот идентитет и институционално ја декапацитира нашата државичка до таа мера што – со Алехандро и татко му на нашиот централен плоштад, заедно со купиштата други споменички и архитектонски фекалии – ние веќе претставуваме национален колектив со сериозно психичко нарушување на личноста и со летални симптоми на институционална автоимуна болест. Тоа нашата ВМРО ја дисквалификува и да постои како партија – за сторените злостори би морало да биде избришана од списокот на партии – а особено ја дисквалификува да просерува политички ставови во заштита на македонската кауза.

Фашизирани преговори

Но, од каде е оптимизмот дека вклучувањето на Бугарија во децениските преговори што нè очекуваат ќе ни помогне да се подизлечиме од нашиот сопствен културно-општествен и државен рак наречен вмрома? Зашто, во актите што Бугарија ги напиша и потпиша се гледа сосем јасно дека нивната агенда е истата онаа што ја имаа сите нејзини поранешни царски, фашистички и социјалистички влади во изминатите век и кусур, имено, анихилација на македонскиот културен и државен ентитет. Така што Бугарија – мајката родилка на ВМРО и нејзината ќерка, нашата ВМРО-ДПМНЕ, имаат иста агенда: фрлање во „дупката за паметење“ – Орвеловиот крематориум за палење на документите и сеќавањата – на личностите, настаните, пишуваната и другата меморија од најважниот период на постоењето на македонската држава.

Се разбира, вемерето веќе успеа да избрише огромен дел од сеќавањето на југословенскиот процут на македонската државност и култура, па како тогаш уфрлувањето на Бугарија во истата запрега ќе ни биде од полза? Како тоа вклучувањето на вирусот на една надворешна чума ќе ни помогне во самоизлекувањето од сопствениот канцер, тоа никако не ми е јасно. А, да не нагласувам и дека бугаризираните и фашизираните преговори ќе бидат со годиништа изобилна храна за јакнење и за растење на вмровската фашистичка банда.

Прашањето на вкупната фашизација на државата е исто така актуелно. Ние веќе ја имавме нашата верзија на вмровски фашизам во куси пантолони, од која сè уште не се опраивме, но преговорите нè ставаат во прегратки на фашизираната бугарска држава, и тоа во доба на процут на фашизоидниот тоталитаризам на целиот континент. Бинарната структура на настаните, радикалната и насилна поларизација на страните – демек, имало само за и против Европа; кој не е за преговори (без оглед на цената и условите) тој е за Азија; кој има забелешки на фашизоидната рамка што ја легализира бугарската иредента, тој е проруски агент итн., итн. – е самата по себе сериозен симптом за тоталитаризацијата и на процесот на евроинтеграциите и на Европската Унија.

Вистинската дилема не е дали ќе преговараме под недостоинствени и скандалозни услови или ќе се откажуваме од Европа тотално и засекогаш, како да се одлучува само помеѓу екстреми, односно како да сме во војна. И, зошто францускиот предлог е „земи или остави“ и по 16 години маткање процесот стана терминална закана, еден суров воен, тоталитарен, бинарен пристап, кој не знае за друго или за трето решение, не знае за дипломатија, преговори и обезбедување подобро решение? Зарем не може да биде опција да останеме и понатаму како проевропска земја кандидат, а на Европа да ѝ ја кажеме вистината за ужасниот преседан што го прави со регресивната и уценувачка, дури фашизоидна рамка за преговори? Во вакви околности Орвел (на вмровски јазик: орел или орле) го цитирал Томас Ман, кој храбро тврдел дека „и вистината што штети е сепак подобра од корисната лага“.

Бугарско-македонска удба

И, на крајот, да не ги забораваме и сировите факти. Во злогласниот Протокол, во третата точка од дневниот ред се пропишани мерки што треба да се преземат и да се исполнат како услов за комплетирање на процесот на отпочнување на преговорите. Помеѓу другото, Европа нè обврзува со Бугарија да формираме заеднички (орвеловски) министерства на вистината (пропаганда) и на љубовта (државна безбедност и полиција) во која ќе се оформи и (орвелската) полиција за мислење, кои ќе го контролираат говорот на омраза во Македонија: „Државите ја потврдуваат обврската за преземање мерки против секој вид говор на омраза (…) и заедничко идентификување на такви случаи во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор (…) и ќе создадат, без одложување, процедура и (…) брзи и ефективни мерки за превенирање недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти (…) кои би штетиле на нивните односи.“

Формирањето бугарско-македонска удба, нквд, енесеј, гестапо, штази и секуритате, што ќе воведат „процедури“ и цензури, и „брзи и ефективни мерки за превенирање“ на зломислењето и говорот на македонските граѓани е, значи, суштински услов за почеток на преговорите со Европа. Со претворањето во орвелската дистопија „1984“ Македонија би требало да доживее катарза на ослободувањето од себе (и од слободите на мисла и говор, разбира се), под будното бугарско око и администрација.

Да, драги мој Тричко, по читањето на оваа траорна тоталитаристичка бугарска проза, заради чиешто превенирање Орвел и ја пишувал „1984“, можам да помислам само на поливање со бензин преку глава и самозапалување, но проевропски ентузијазам и оптимизам, релаксирање и еластичност, навистина не знам од каде успеваш да исцедиш.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот