Европа почнува да штеди гас за зима, се воведуваат и итни мерки

Гас фото МИА

Холандија вчера најави дека ќе ја активира фазата од планот за енергетската криза наречена „рано предупредување“. Тоа значи дека ќе го укине ограничувањето на производството во термоцентралите на јаглен, бидејќи се обидува да ја намали зависноста од рускиот гас додека трае војната во Украина.

Холандија, која увезуваше 15 отсто од својот гас од Русија, веќе купува ЛНГ (течен природен гас) и ја намалува потрошувачката на гас, но сепак оваа зима може да се соочи со недостиг, пишува Ројтерс.

-Со овие мерки, помалку пари ќе се прелеат кај Путин, изјави холандскиот министер за енергетика Роб Јетен.

Фазата „рано предупредување“ од планот во три фази предвидува предупредување на корисниците, регулаторите и владите за специфичната закана од недостиг на гас. Ројтерс додава дека планот вклучува и „аларм“ и „вонредна“ фаза, иако останува нејасно како ќе се рационализира снабдувањето со гас за индустриските корисници во случај на физички недостиг.

Се очекува Холандија да заштеди две милијарди кубни метри гас годишно со укинување на ограничувањата за производство на енергија на јаглен. Ројтерс наведува дека земјата веќе го ограничила производството на 35% од капацитетот во своите електрани на јаглен со цел да ги намали емисиите на јаглерод диоксид. Холандската влада, исто така, објави дека планира да произведе 2,8 милијарди кубни метри гас од гасното поле Гронинген до октомври 2023 година.

Данската агенција за енергетика, пак, денеска соопшти дека го активирала првиот чекор од планот од три фази за итно снабдување со гас, што всушност значи построг мониторинг на пазарот, поради неизвесноста во однос на испораката на гас од Русија.

Според соопштението на агенцијата, испораката на гас засега е загарантирана, пренесува Ројтерс.

Данската агенција ги повика потрошувачите и компаниите да ја намалат потрошувачката и наведе дека има итен план во случај на прекин на снабдувањето со гас.

-Раното предупредување значи дека може да има ситуација со значително полоша состојба во снабдувањето со гас. Ова е сигнал за играчите на пазарот на гас да се подготват за вистинска криза во снабдувањето, се вели во соопштението на агенцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот