Макрон на самитот за вештачка интелигенција - Фотографија ЕПА, Мохамед Бадра

Европа ќе создава „хумана“, но не и „безбедна“ вештачка интелигенција

Изберете ги Европа и Франција за вештачка интелигенција, им порача Макрон на инвеститорите на самитот

Претседателот Емануел Макрон настојуваше да го „присвои“ глобалниот самит за вештачка интелигенција во Париз, претставувајќи ја Франција како „локомотива“ во развојот на новата технологија, притоа подбивајќи се со потезите на американскиот колега Доналд Трамп.

– Изберете ги Европа и Франција за вештачка интелигенција – им порача Макрон на инвеститорите и шефовите на технолошките компании на самитот во Париз.

Макрон ја рекламираше Франција, потсмевајќи се со најавата на Трамп за враќање на САД кон фосилните горива.

– Имам добар пријател од другата страна на океанот што вели „дупчи, батко, дупчи“. Тука, нема потреба за дупчење. Тука е вклучи, батко, вклучи. Има струја – изјави Макрон.

Тој како „единствена можност“ ја најави и новата стратегија на Европската Унија, која подоцна треба да биде објавена од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

– Мораме да овозможиме поголем домашен пазар за сите стартапи што ќе почнат бизнис како Европејци – изјави Макрон.

Европа се трудеше да го протурка својот приод во завршниот документ на самитот за вештачка интелигенција. САД, кои во Париз ги претставуваше потпретседателот Џеј Ди Венс, изразиле незадоволство поради фразите „одржлива и инклузивна“ вештачка интелигенција во завршното коминике.

И Европа, всушност, направи отстапки од својата идеја за строго регулирање на новата технологија – ја дефинира како „хумана, базирана врз човекови права, етичка и доверлива“, но благо се откажа од инсистирањето вештачката интелигенција да биде „безбедна“. Целта на омекнувањето на ставот е да се поттикнат европските иноватори да станат конкурентни на глобалниот пазар, на кој САД и Кина им ги препуштија регулаторните „узди“ на технолошките компании.

– Тоа е рецепт за катастрофа – оцени Макс Тегмарк, водечки активист за безбедност на вештачката технологија.

Макрон го „зачини“ самитот со објавување видео-колаж од снимки на кои неговиот лик софтверски е надграден со различни фризури, за да ја илустрира моќта на новата технологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот