Европа го сака СЈО назад, посилно и независно

Архива на СП

Европа го сака живо Специјалното јавно обвинителство и бара Македонија да создаде услови за СЈО да продолжи да работи. Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) синоќа усвои Резолуција за напредокот на Македонија од 2013 година до денес, со која, меѓу другото, побара од властите да ја довршат правосудната реформа и да обезбедат независно Јавно обвинителство, но и Специјално јавно обвинителство.

„Собранието на Советот на Европа ги повикува властите на Северна Македонија да ги следат правосудните реформи, а особено да се измени Законот за јавно обвинителство и Законот за јавниот обвинител, со кој треба да се гарантира независноста на ЈО. Исто така, да се осигури дека реформата на Обвинителството му дозволува на Специјалниот обвинител за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите да ја продолжи својата мисија, да спроведува истраги во тек и да се справи со чувствителните случаи со бараната автономија и независност“ – се вели во една од триесетината точки од Резолуцијата 2304, која беше едногласно усвоена во ПССЕ.

Од Македонија се очекува и да побара експерти од Советот на Европа за да се обезбеди дека овие закони ги почитуваат стандардите на СЕ.

Освен Советот на Европа, нов живот за СЈО побара и германскиот Бундестаг во минатата седмица кога ѝ даде согласност на германската влада да гласа позитивно за доделување датум за преговори на Македонија за членство во ЕУ. Во препораките што ги издаде, Бундестагот побара од Македонија „да вложи значителни напори за да осигура владеење на правото, вклучително и ефикасноста на Специјалното јавно обвинителство под нова организациска поставеност.“

Во Резолуцијата на Советот на Европа е оценет напредокот на Македонија во областа на правосудството, борбата против корупцијата, малцинските права, односите со соседите итн. во изминативе 5 години.

– Договорите од Пржино предвидуваа формирање на Канцеларијата на Специјалниот обвинител задолжена за ограничено време и во исклучителни политички околности да врши истрага на политички чувствителни наводи од нелегално прислушувани телефонски разговори. Собранието ја поздравува импресивната работа направена од оваа канцеларија, која има 20 случаи на гонење од висок профил и обвини повеќе од 100 лица во најмалку 18 случаи за тешки кривични дела, од кои повеќето се злоупотреби на овластувањето и позицијата, фалсификување документи, проневера и измама во големи размери. Оваа канцеларија одигра клучна улога во нормализацијата на ситуацијата и во истражувањето на наводите што произлегуваат од нелегално пресретнатите разговори. Собранието се надева дека одговорните ќе одговараат за нивните дела, бидејќи законите за амнестија не треба да бидат спротивни на основните права – пишува во резолуцијата.

Постмониторинг дијалогот ќе продолжи и во следниот извештај повторно ќе се оценува напредокот во повеќе области, а меѓу другото ќе биде оценета и идната работа на СЈО.

„Собранието очекува дека реформата на Обвинителството ќе се спроведе во согласност со стандардите на Советот на Европа и ќе обезбеди дека Специјалното обвинителство, кое одигра важна улога во постапувањето со многу чувствителните случаи, ќе може да работи во рамките на националната обвинителска служба без непотребно политичко мешање“ – пишува во документот.

Партиите веќе не го сакаат СЈО

Иако Европа го бара СЈО назад, се наметнува впечаток дека нашите политичари не ја сакаат повеќе оваа институција, која неофицијално згасна откако специјалната обвинителка Катица Јанева заврши во притвор како осомничена во аферата „Рекет“. Власта и опозицијата од пролетоска безуспешно преговараат за предлог-законот за јавно обвинителство, кој треба да се донесе со двотретинско мнозинство. Во претходната верзија на СДСМ на предлог-законот што минатата зима во декември беше поднесена во Собранието, беше предвидено СЈО да постои како посебен оддел во рамките на ЈО и беа прецизирани сите надлежности на СЈО кое ќе можеше да гони и случаи од висока корупција. Беше уредено и кога и како ќе се користат „бомбите“ како докази на суд и кога ќе се уништат. Ненадејно СДСМ го повлече овој закон од собраниска процедура и поднесе нов, според кој СЈО повеќе не постои, односно се претопува во ЈОГОКК, кое ќе добие нов назив – ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција.

Професорот Гордан Калајџиев смета дека Резолуцијата не е доволно прецизна во врска со препораките за иднината на СЈО.

– На едно место вели СЈО да биде независно, а на друго место да продолжи да функционира во рамките на националното обвинителство. Исто така, ни препорачуваат европски стандарди за обвинителство, а не постои еден таков стандард. На едно место ја поддржуваат идејата да продолжат истрагите на СЈО, но меѓународните тела немаат право да се мешаат на тој начин во внатрешен правен поредок – вели Калајџиев.
Според него, препораките за СЈО од Резолуцијата ќе се исполнат ако власта го врати претходниот-предлог закон од декември, кој е напишан од работната група за реформите во правосудството и во кој детално се уредени сите прашања во врска со надлежностите и финансирањето на СЈО, а кој летово беше повлечен.

Корупцијата сè уште е сериозен проблем

Корупцијата останува сериозен проблем, се потенцира во Резолуцијата на ПССЕ, која го поздравува донесувањето на законите за спречување корупција и судир на интереси, за лобирање, за слободен пристап до информации од јавен карактер и за заштита на свиркачите, како и создавањето на новата Национална комисија за спречување на корупцијата по отворена и транспарентна постапка за номинирање.

– Сепак, потребни се повеќе напори во борбата против корупцијата. Властите треба целосно да ги спроведат препораките дадени од ГРЕКО во 2018 година за спречување на корупција на парламентарците, судиите и обвинителите, како и оние од 2019 година за зајакнување на оперативната независност на полицијата и на механизмите за внатрешна контрола, како и надворешната контрола што ја вршат Парламентот, Народниот правобранител и Јавниот обвинител. Северна Македонија исто така треба да ја земе предвид препораката на ГРЕКО да се донесе кодекс на полициска етика, кој треба да опфаќа прашања какви што се интегритет, судир на интереси, подароци и спречување на корупција во полицијата – се наведува во Резолуцијата 2304.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот