Евролига: Асвел по втор пат сезонава и го зеде скалпот на Барселона
Францускиот тим Асвел го направи најголемото изненадување во 26. коло од Евролигата, победувајќи ја Барселона на гости и тоа со 69:76.
Интересно, Асвен славеше и на првиот натпревар против Барселона (80:68) кој се играше во Вилербан и може да се пофали дека заедно со Анадолу Ефес, засега се единствените екипи кои два пати сезонава го совладале лидерот на табелата.
Во првите три четвртини и двете екипи се менуваа во водство, а одлучувачкиот момент за победата се случи во последната четвртина која Асвел ја доби со 15:22. Најдобар во редовите на Асвен беше Норис Кол со 21 поен, додека кај Барселона се истакна Дејвис со 22 поени.
Алба Берлин на домашен терен со 74:65 го совлада Панатинаикос и ја прекина серијата од четири порази по ред. Тилман со 16 поени беше најпрецизен во редовите на Алба, додека кај Панатинаикос се истакна Вајт со 14 поени и осум скокови.
Градската дерби пресметка помеѓу Фенербахче и Анадолу Ефес заврши со убедлив триумф на гостите од 74:106. Во редовите на Анадолу Ефес блескаше Василије Мициќ кој постигна дури 37 поени и имаше перфектен шут за тројка, ги погоди сите шест шутеви.
Резултати:
Фенербахче – Анадолу Ефес 74:106
Басконија – Црвена звезда 87:67
Алба Берлин – Панатинаикос 74:65
Барселона – Асвел 69:76