Еврократите со внимателни изјави поради внатрешните грижи на Европа

EPA-EFE/NAKE BATEV

Дипломатскиот речник на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ја разгоре македонската политичка сцена. Изјавата на еврокомесарот дека Европската комисија „ќе предложи Северна Македонија и Албанија да влезат во подготвителна фаза за пристапните преговори“ доведе до обвинувања од македонската опозиција дека Владата, и покрај Договорот од Преспа, не направила реформи кои Европската Унија ги очекувала од државата.

ОСМАНИ ГО ТОЛКУВА ХАН

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, ја смирува ситуацијата велејќи дека всушност тоа е очекувана динамика на движење на патот кон Унијата.

– Во јуни да имаме одлука за започнување на преговори, односно потврда на датум со којшто ќе се даде мандат на Европската комисија да подготви преговарачка рамка, со тоа што некаде до крајот на годината би се одржала првата меѓувладина конференција помеѓу Република Северна Македонија и земјите членки на ЕУ, бидејќи преговорите не ги правиме со Комисијата, ги правиме со земјите членки – изјави Османи.

Според него, доколку меѓувладината конференција се одржи до крајот на годинава, првото поглавје ќе се отвори во јануари. Османи објаснува дека тоа всушност и го мислел Хан, односно дека со Македонија нема да започнат преговорите во јуни, туку тогаш ќе биде донесена одлука за преговори.

ЕВРОПА СИ ИМА СВОИ ПРОБЛЕМИ

Сепак, аналитичарите велат дека постои резервираност во изјавите на еврократите, но тоа се должи, пред се, на внатрешната ситуација во ЕУ, односно изборите за Европскиот парламент со кои европските институции ќе добијат нов кадар.

Професорот Нано Ружин вели дека европските бирократи во Унијата внимаваат на своите изјави.

– Зборувањето околу проширувањето се избегнува, бидејќи има лоша конотација. Евроскептичните политички партии го користат проширувањето на ЕУ кон земјите од Источна Европа како аргумент во изборите – вели Ружин, објаснувајќи дека поради ова може да дојде до одредено одолговлекување на датумот за преговори.

Според професорот, датумот за преговори во овој момент не зависи од државите аспиранти, туку од државите членки на Унијата.

– Научените лекции од претходните проширувања со Бугарија и Романија нас најмногу ни штетат. Се она со што се соочија европските држави, висок прилив на луѓе, транзицијата во овие држави, недостатокот на владеење на правото, корупцијата, се тоа сега се става врз наша глава – посочува Ружин.

Тој оценува дека позицијата на Македонија денес е неспоредлива со состојбата на Бугарија и Романија кога тие станаа членки на ЕУ во 2007 година.

– Доаѓаме до еден парадокс, кога ситуацијата на заробена држава, партизација, корупцијата, се надминува, нашите шанси за датум на преговори се намалени. Мислам дека не е тоа поради нашите слабости, кои реално постојат, но тоа е пред се поради слабостите на Унијата – објаснува професорот.

Ружин е оптимист, вели дека преговорите ќе зависат од европските избори, а оценува и дека постојат тенденции Македонија да започне преговори пред Албанија.

Македонија од 2008 година добива препорака од Европската комисија за почеток на преговори за влез во Европската Унија, но преговорите секогаш беа блокирани од Грција во Советот на Европската Унија.

Минатата година, во извештајот на Европската комисија, Македонија и Албанија добија „условна препорака за започнување на преговори“. Четирите услови од ЕУ за Македонија беа спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на Договорот од Преспа, позитивен извештај на Европската комисија и одлука на Советот на ЕУ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот