Евроимпотенција

Марин Гавриловски, Фото Архива

Времето ќе покаже дали ЕУ ќе смогне сили повторно да се обедини или, пак, ќе тргне во насока на распаѓање, со последици што малите и безначајни земји, како Македонија, најмногу ќе ги почувствуваат на свој грб.

Во какви возбудливи времиња живееме. Сведоци сме на менување на светскиот поредок и воспоставување нов во кој ќе бидат променети улогите на главните светски протагонисти. САД полека го губат приматот на единствената светска сила по падот на комунизмот и по распадот на СССР, а Кина, најбројната светска нација се обидува, чекор по чекор, да го заземе првото место на светските ранг-листи. Таа според број на жители веќе одамна ја има преземено, но економски, политички и воено сè уште не е бр. 1. Можеби тоа нема да се случи за време на нашите животи, но процесот на стагнација и опаѓање на САД и подемот на Кина е неповратен и неговиот исход му е јасен на секој, дури и аматерски заинтересиран за развојот на светската политика.

Единствената непозната во оваа равенка е факторот време. Додека трае оваа битка на титани, помалите се обидуваат да извлечат некоја корист за себе и колку-толку да задржат дел од својот суверенитет. Русија, која веќе одамна не е светска сила на меѓународната сцена, колку и да сака така да се претстави, сепак може единствено да се рангира како регионален фактор (во случајов на дестабилизација). Нејзината унилатерална одлука да ја нападне Украина и светот да го доведе на раб на Трета светска војна, кризата предизвикана со вирусот ковид-19 која речиси две години го парализира светот и која резултираше со невидена економска криза се факторите што влијаат врз уривањето на светскиот поредок онаков каков што го знаеме и почеток на нов, кој несомнено ќе никне од неговите урнатини.

За тоа време, еден друг регионален фактор, олицетворен во Европската Унија, се обидува да го фати чекорот со новонастанатата ситуација. За жал, безуспешно. Со излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата се урна митот за најпосакуваната економско-политичка заедница на народи. Брегзит покажа дека некој сака и да излезе од Унијата, а не само да се зачлени во неа. Британското напуштање на Унијата значеше нејзино ослабување како економски така и политички. Иако Британија водеше автономна политика внатре во Унијата, нејзиното заминување го наруши балансот што таа го даваше како еден вид коректор помеѓу политиките на другите две најзначајни членки на ЕУ, Германија и Франција.

Додека сè уште се сумираа резултатите од брегзитот, светот го зафати невидена пандемија, која повеќе од две години пустошеше однесувајќи повеќе стотици илјади животи, значителен дел од нив од земјите што ја сочинуваат Европската Унија. Унијата не успеа да се снајде во  глобалната криза и падна на испитот на еден од основните постулати на заедницата, а тоа е солидарноста. Преполнетите здравствени капацитети на некои од земјите членки, не го запалија алармот кај другите, па тие да овозможат лекување и на нивна територија. Спротивно на тоа, земјите членки себично ги чуваа своите болници, аспиратори и лекарства само за себе и за своите граѓани. Сметам дека пандемијата ќе завршеше со помалку изгубени животи, доколку Унијата дејствуваше единствено и солидарно.

Парализата што настана како резултат на пандемијата предизвика огромна економска криза, која само се продлабочи со почетокот на инвазијата на Русија врз Украина, прераснувајќи првенствено во енергетска криза. Русија безобразно ја искористи ситуацијата на главен снабдувач со гас и нафта на земјите од ЕУ и со намалувањето на испораката на овие енергенси и промената на условите и начинот на плаќање, се обидува да ја спушти Унијата на колена. Првите назнаки за тоа доаѓаат од неединството на Унијата кон тоа како треба да се третира Русија. Некои земји членки, како Унгарија, дури имаа и резерви кон политичката критика на Русија и осудата на агресијата врз Украина, додека пак други, како на пример Германија, кои огромен дел од своите енергетски потреби ги задоволуваа од руски извори, имаа резерва кон економските санкции што Унијата требаше да ѝ ги воведе на Русија.

А Унијата како да не е од тука, како да не знае што ѝ се случува. Значително ослабена по напуштањето од страна на Обединетото кралство, разединета по повеќе прашања што задираат во најсуштествените постулати на демократијата, предизвикани од автономното водење на надворешната и на внатрешната политика од страна на некои земји членки, првенствено Полска и Унгарија, во кои владеат речиси полуавторитарни режими, Унијата не успеа да се снајде и обединето да настапи на светската сцена.

Проширувањето со земјите од Западниот Балкан како многу значаен дел од нејзината регионална и меѓународна политика, исто така, доживува не само стагнација, туку и назадување. Земјите што ги почнаа преговорите, Србија и Црна Гора, веќе подолго време стагнираат и не отвораат нови поглавја. Од Србија, која има специјални односи со Русија, е побарано да ја усогласи својата надворешна политика со политиката на Унијата иако дури и одредени земји членки на Унијата го немаат сторено тоа. Косово, иако тоа веќе одамна го бара, уште нема добиено визна либерализација, а Босна и Херцеговина кандидатски статус.

Ситуацијата со Албанија и Македонија е навистина на работ на скандалозно однесување и тоа само на една земја членка на Унијата, Бугарија, која злоупотребувајќи го своето членство, се обидува да ги реши фрустрациите што ги има кон нас, притоа, ни крива ни должна, во заложништво држејќи ја Албанија, но и другите земји членки на Унијата. Последните обиди на Емануел Макрон да го „реши“ проблемот со бугарското вето резултираа со пад на владата во Софија и можно формирање проруско парламентарно мнозинство. Триумфализмот на Макрон и Вархеји, предизвикан од фактот дека бугарскиот парламент сепак го прифати таканаречениот „француски предлог“ е поматен од изјавата на премиерот на „Северномакедонците“ Ковачевски, кој во Брисел јасно кажа дека предлогот во оваа форма не е прифатлив, како за политичкиот врв, така и за граѓаните на Македонија, од причина што во преговарачката рамка се внесуваат и бугарските барања кои, по правило, треба да се решаваат билатерално.

Кризата предизвикана со бугарското вето е само последниот клинец закован на ковчегот на европското единство. Европската Унија не успеа во „мирновременски“ услови да се организира, да ги апсорбира во себе сите земји од Западен Балкан, со што би го заокружила процесот на пристапување нови земји и би можела понатаму да го почне процесот на внатрешна реорганизација и унифицирање, што би довело до политички и економски реално обединета Европа и би создало услови за формирање европски вооружени сили.

Доколку сево ова беше направено на време, односно, доколку европските стратези беа во можност да ги предвидат кризите што се случија изминативе две години и пред нивното појавување ги решеа сите, или барем поголемиот дел од отворените прашања, светската криза ќе добиеше друг тек. На границата на Русија ќе постоеше силна обединета и воено и политички појака Европа, која немаше да дозволи такво омаловажување како она што сега ѝ се случува. Немањето  лидерство и визија, но и разните влијанија од надворешниот фактор насочени кон нејзино разединување, се покажаа како главни пречки за тоа.

Сега, во од, многу потешко ќе се решаваат отворените прашања, а ризикот разединувањето да се продлабочи е реален и очекуван. Времето ќе покаже дали ЕУ ќе смогне сили повторно да се обедини или пак ќе тргне во насока на распаѓање, со последици кои малите и безначајни земји, како Македонија, најмногу ќе ги почувствуваат на свој грб.

Видео на денот