Евродипломат: Одлуката во ЕУ за Северна Македонија зависи од земјите членки и волјата на партнерите

Граѓани во близина на ЕУ Инфо центар во Скопје Македонија
Граѓани во близина на ЕУ Инфо центар во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Висок ЕУ дипломат изутринава на брифинг со новинарите се осврна на проширувањето и изгледите за Северна Македонија да ја одржи првата Меѓувладина конференција со Унијата во декември, нагласи дека сѐ уште е рано да се шпекулира, јави дописничката на МИА од Брисел.

Утре се одржува првиот формален Совет за општи работи на министрите за европски прашања на ЕУ. Иако проширувањето не е на агендата, не е исклучено министрите да ја покренат темата доколку оценат дека е потребно, посебно во пресрет на лидерскиот самит ЕУ – Западен Балкан, што ќе се одржи во Словенија на 6 октомври.

На брифингот денеска во Брисел, висок дипломат од земја членка не сакаше да шпекулира за шансите до декември да се деблокира состојбата за Северна Македонија и конечно ЕУ да го исполни ветувањето, дадено во март 2020, дека земјата, заедно со Албанија, треба да ја одржат првата Меѓувладина конференција со ЕУ и со тоа да ги започнат формално преговорите за членство во ЕУ.

Северна Македонија и натаму е блокирана од Бугарија, каде изборите се презакажани за ноември, што не остава многу време до декемврискиот самит на лидерите на ЕУ да се надмине ветото.

Надежта во Брисел е дека самитот во Брдо кај Крањ во Словенија на 6 октомври ќе овозможи напредок, велат дипломатите.

– Се подготвува самитот на 6 октомври и работиме на неговиот исход, уверен сум дека ќе биде успешен. Словенечкото претседателство ќе се обиде најдобро да се справи со сите прашања поврзани за проширувањето и Меѓувладината конференција во наредните месеци, но ќе зависи од политичката состојба во земјите членки, како и од волјата на партнерите да се оди напред, изјави за МИА висок дипломатски претставник на земја членка на ЕУ.

Тој додаде дека „тешко е да се каже за сега кој ќе биде исходот” во декември.

– Лидерите ќе имаат можност во Словенија да дискутираат за сите овие прашања, рече тој и нагласи дека самитот ЕУ – Западен Балкан во Брдо е од голема важност.

Министрите за европски прашања на ЕУ на утрешната средба ќе се фокусираат пред сѐ на пандемијата и вакцинацијата. Иако не е формално на дневен ред, не е исклучено земјите членки да побараат дискусија за трилатералниот воен сојуз помеѓу Австралија, САД и Британија, во кој ЕУ не беше поканета да учествува и кој предизвика големи тензии со Франција.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот