ЕВРО 2020: Судир на фаворитите во Севиља, Чесите во обид да ги овенат „лалињата“

epa/efe

Спектакл во најава, Белгија и Португалија во меѓусебна пресметка за пласман во четвртфиналето.

Белгија заедно со репрезентациите на Италија и Холандија се единствени кои не направија кикс во групната фаза, победи на сите три натпревари и надмоќно го освои првото место во групата кое во нокаут фазата ги испрати на најтешкиот можен ривал.

Белгија вечерва (21 часот) во Севиља ја чека вистински пекол, осминафинална пресметка со актуелниот европски шампион Португалија.

– Не постои страв, само респект, а тоа го има секој наш противник. Како да не го респектирате тимот кој ги има Кристијано Роналдо, Бернардо, Бруно, Пепе… Тие се европски шампиони, но ние веруваме во себе – вели Ромелу Лукаку кој очекува неговата репрезентација да оствари подобар резултат од последното ЕП кога во четвртфиналето загубија од Велс со 3:1.

Актуелниот европски шампион играше топло-ладно во групната фаза,убедлив триумф над Унгарија, па убедлив пораз од Германија и на крајот реми со Франција. Но, тоа што на селекторот Фернандо Сантош му влева самодоверба пред дуелот со Белгија е Кристијано Роналдо и неговата одлична форма на Евро 2020. Роналдо е прв стрелец на ЕП со пет гола и веќе собори неколку рекорди.

– Ми се допадна ставот кој го имавме во натпреварот против Франција. Имавме поинаков говор на телото во однос на дуелот со Германија. Сега против Белгија мора да направиме нешто повеќе бидејќи немаме право на поправен испит – изјави селекторот на Португалија, Фернандо Сантош.

Во првиот натпревар денеска, од 18 часот во Будимпешта, ќе играат Чешка и Холандија.

„Лалињата“во групната фаза остварија три победи, меѓу нив беше и таа од 3:0 над Македонија, но одлично одигра и Чешка и тоа благодарение на Патрик Шик кој постигна три гола во трите натпревари.

– Дојдовме тука  да се обидеме да победиме и да се пласираме во следната рунда. Чувствуваме дека е дојдено времето за нешто големо – вели Руд ван Нистелрој, кој му е асистент на Франк де Бур.

Чесите им ја препуштаат фаворитската улога на „лалињата“, но на „Ференц Пушкаш“ арената не излегува со бело знаме.

– Тие се многу силни во нападот, дури се посилни и од Англичаните. Брзи се и технички совршено се подготвени, креираат многу шанси и постигнуваат голови. Мора да најдеме начин да го ограничиме нивниот офанзивен потенцијал – смета Ондреј Челустка, дефанзивецот на Чешка и на Славија Прага.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот