Еволуцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за Алсат ТВ, Фото: Принтскрин

Го гледав последното интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за ТВ Алсат и можам да заклучам дека реформата во оваа партија започнала. Од досега прикажаното, видливо е дека Мицкоски направил значајни чекори на себепрофилирање. Може да се забележи трансформацијата кон која се стреми ВМРО-ДПМНЕ, од една конзервативно-народна кон либерално-демократска, барем што се однесува до сфаќањето на државата како еднаква на меѓуетнички план.

Имено, во емисијата Мицкоски експлицитно се огради од синтагмата „Македонија на Македонците“, која беше водилка во подразбирањето на тоа кој е државотворниот народ во земјата низ историјата на оваа партија. Тој се дистанцираше и од политиките на неговиот претходник Никола Груевски, во кои доминираше говорот на омраза кон Албанците карактеристичен за периодот на неговото владеење. Тоа е веројатно второ откажување од бремето на Груевски ако се смета и барокот на „Скопје 2014“, кој го снема во програмата на нивниот кандидат за градоначалник на главниот град. Дали тоа ќе разочара многумина што оваа партија ја доживуваат како последно упориште на национал-патриотизмот, ќе се знае набргу, уште со резултатите на овие избори.

Но, ако се следат фактите, ВМРО-ДПМНЕ успеа да го зголеми својот коалициски капацитет здружувајќи се со две партии на Албанците, кои по многу нешта се порадикални во своите колективни, етнички барања, од сите други. Дури е договорено, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за кандидат Албанец во средините со албанско мнозинско население. Лидерот на партијата собра храброст да „истрча“ и со билборди на албански јазик на својот „независен“ кандидат за градоначалник на Скопје.

Еволуцијата на ВМРО-ДПМНЕ беше потврдена и со изјавата на шефот на партијата во интервјуто на ТВ Алсат, дека за него пописот е само статистичка операција и дека прашањето за тоа колкав е процентот на Албанците е политичка естрада. И кога сме кај естрадата, тој на барање на водителката ја задоволи потребата на Албанците, македонски политичари да се обратат и на албански јазик. И мора да се признае, изненади со добриот акцент.

Сите овие реформски потези првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ ги објасни и оправда со, како што рече, еволуирање на политичарите, во согласност со динамиката на политиките и потребата да се биде успешен.

Можеби е малку задоцнета еволуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, но несомнено тоа ќе биде добро за демократијата во оваа земја. Дали навистина партијата еволуира или е ова само предизборно заматување на површината на водата, останува да се види.

Отсега СДСМ ќе има сериозен конкурент во „распродавањето“ на националните интереси. И нема да биде сам во тоа. Но, за да се случи тоа, освен она куртоазно „добровечер“ на албански јазик, на Мицкоски ќе му треба малку повеќе храброст за да не остане, како што вели, ретрограден, туку успешен политичар, и можеби ќе треба, на пример, да ја поддржи идејата на Ахмети за претседател Албанец на наредните избори. Или, да се согласи идниот премиер наместо тој самиот, да биде Албанец. Со тоа можеби ќе ја оттргне ДУИ од прегратките на СДСМ и ќе го забрза формирањето на новото парламентарно мнозинство што одамна го најавува.

Има уште неколку „ситници“ што понатаму ќе му се попречат на патот, а кои се на агендата и на неговите сегашни коалициски партнери, како, на пример, една „мала промена“ на Уставот во која албанскиот јазик ќе биде нотиран како втор официјален во државата.

Цената на успешноста мора да се плати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот