Еве на кои празници нема да смеат да работат продавниците

Отворање на Ист Гејт Мол / 29 октомври 2021 / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

На празникот Богојавление, можеше да се види дека работат продавниците. Од Државниот инспекторат за труд, за „Слободен печат“ објаснија дека трговијата, освен исклучоците, не смее да работи на државните празници и празниците на РСМ кои се неработни за сите граѓани. Празникот Богојавление, согласно Законот за празници, е празник за граѓаните од православната вероисповед. Како што потенцираа од Инспекторатот, тие што работеа немаат право да добијат празнична дневница.

– Согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија во членот 4 став 4 е наведено : „Трговија на големо и трговија на мало не може да се вршат во недела, како и на државни празници и други празници кои се определени како неработни денови согласно со закон”. Во контекст на наведеното членот 4 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија се однесува само на членот 2 од Законот за празниците и ги опфаќа само државните празници и празниците на РСМ кои се неработни за сите граѓани и на тие денови работодавачите не можат да вршат дејност трговија на големо и мало – велат од ДИТ.

Оттаму објаснуваат и дека во член 2 од Законот за празниците дефинирани се државните празници и празниците на РСМ.

– Наведениот член не ги опфаќа и останатите верски празници и неработни денови за одредена категорија на граѓани од чл.4 од Законот за празниците на РСМ во кои денови работодавачите може да вршат дејност трговија на мало и големо.Имено, за работа во државни празници и други празници кои се определени како неработни денови согласно чл.2 од Законот за празниците на РСМ, работодавачите на работниците се должни да им исплатат додаток од плата за работа на празник и недела во висина од најмалку 100 проценти за секој час поминат на работа.

Така, до крајот на годината ова се празниците на кои нема да работат продавниците, освен исклучоците:

  • 01 мај (недела), Ден на трудот, односно  02 мај (понеделник) е неработен ден,
  • 25 април (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар,
  • 02 мај (понеделник), Рамазан Бајрам,  првиот ден на Рамазан Бајрам,
  • 24 мај (вторник) „Св. Кирил и Методиј“ Ден на сесловенските просветители,
  • 02 август (вторник), Ден на Републиката,
  • 8 септември (четврток), Ден на независноста,
  • 11 октомври (вторник), Ден на народното востание,
  • 23 октомври (недела), Ден на Македонската Револуционерна Борба, односно 24 октомври (понеделник) е неработен ден,
  • 8 декември (четврток), “Св. Климент Охридски”.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот