ЕВЕ ГИ СИТЕ убави фустани на убавата наша Тамара и на дизајнерката Силвија – Алшар

Мораше да побара друга креација со што загубивме сите како дизајнери и најмногу македонската мода, вели дизајнерката Силвија Михајловска.

Ја видовте Тамара Котевска (нашата корежисерка на документарецот „Медена земја“) во овие преубави модни креации? Ние штом ја видовме веднаш ја контактиравме модната дизајнерка, Силвија Михајловска – Алшар.

– Мојата соработка со Тамара започна спонтано и направивме едно бело, асиметрично фустанче со цртеж, како на плакатот за „Медена земја“, во соработка со „Ива креатива“. Тамара го носеше фустанот на повеќе настани за промоција на филмот. Потоа, носеше и фустан во црвена нијанса за доделување награди во Лос Анџелос. На мое огромно задоволство, добив можност да ѝ направам и две креации наменети за предоскаровските случувања, ама за жал, не и за главната вечер, бидејќи продуцентите веќе беа договорени со друга дизајнерка, која инсистираше целосниот изглед на тимот да биде исклучително со нејзин дизајн. Идеите за креациите, потекнале од Тамара и од нејзината посета на Индија, кога многу ѝ се допаднале фустаните што ги носеле жените таму, модерни варијанти на нивната традиционална облека – вели Силвија и објаснува дека фустаните кои ги направиле се, всушност, модерна и свечена варијанта на индиското сари.

Силвија вели дека по идеја на Тамара, тие се збогатени со вез од свилен конец, со стилизирани гранки од дрво и со помодерна верзија на појас со цртеж инспириран  од сликарот Кит Харинг, уметник кого самата често го употребува во нејзините креации.

– И јас и Тамара сме многу задоволни од тоа како испаднаа креациите, особено затоа што ги направивме за многу кратко време и без никакви проби. На мое искрено жалење два дена пред настанот Тамара мораше да побара друга креација и не носеше македонски дизајн. Сепак таа е личност со огромна внатрешна и надворешна убавина, бескрајно талентирана, водена од цврсти принципи и едноставни, но големи човечки мудрости како во нејзиниот филм и заблеска на црвениот тепих правејќи нè сите бескрајно горди.

Инаку, на оскаровската вечер, фустан од „Алшар“ носела и мајката на Тамара, Весна Котевска. Станува збор за макси црн фустан со трендовски ракави од тантела. И сопругата на Атанас, Маријана, која беше во креација од колекцијата „Калеш Анѓа“, изработена од свилено црвено кадифе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот