Еурофарм Пелистер ќе брка негатива за четвртфинале во СЕХА
Битолчани од гостувањето во Хрватска можеа да се вратат и со „минус еден“, но му се дозволи на Нексе во финишот да дојде до повисока победа.
Денеска во Хрватска се одигра првиот натпревар од осминафиналето во СЕХА Газпром лигата, екипата на Еурофарм Пелистер загуби од Нексе со 23:20.
Константно противникот го контролираше резултатот во своја корист, битолчани можеа да си заминат од ова гостување само со „минус еден“, на две минути до крајот на средбата беше 21:20 после погодокот на Б. Маџовски, но се дозволи на домаќинот да постигне уште два погодоци преку Баришиќ Јаман и Кевиќ.
Најефикасни во редовите на македонскиот ракометен клуб беше Остроушко со седум голови, Јотиќ забележа еден помалку. На спротивната страна по четири имаа Кевиќ и Баришиќ Јаман.
Реванш средбата во Битола ќе се игра на 12 февруари со почеток од 20.15 часот во салата „Боро Чурлевски“.
Победникот од овој дуел во четвртфиналето ќе ги одмери силите против актуелниот бранител на титулата, Вардар.
Во останатите осминафинални мечеви се среќаваат: Спартак Москва-Татран Прешов, Металопластика-Војводина и Пекинг Спорт Универзити-Мешков Брест.